Преку проектот “Градење конкурентност преку соработка и иновација: Пристап до странските пазари за ракотворби”, им се овозможи на 40 занаетчии да отворат сопствена електронска продавница на платформата  https://craftart4you.com. Во рамки на проектот 160 ракотворци беа подржани со обуки за нов дизајн со еколошки материјали, коучинг сесии за онлајн маркетинг и продажба и учество на базари www.craftexport.net , се вели во информацијата на имплементаторите на проектот, ЗБК Креација, Асоцијацијата Зенит и Advocacy Training and Resource center – ATRC од Приштина, а беше поддржан со меморандуми за соработка со општините Гази Баба- Скопје и општината Гнилање.

Во рамки на проектот вработените во формираните кооперативи на ракотворци и е-трговија, во општина  Гази Баба-Скопје и општина Гнилање, обезбедија административна поддршка на 40-те е-продавници за интернет продажба и испорака на понудените 100 ракотворби.

Интернет платформата https://craftart4you.com е целосно функционална за вклучување на нови занаетчии, заинтересирани за интернет продажба на своите производи, а проектниот тим планира остварените проектни резултати да ги реплицира со поддршка на заедничкиот комитет на мрежата на занаетчии за Скопскиот и Североисточниот регион во Република Северна Македонија и Источниот регион во Косово.

Од имплементаторите на проектот велат дека е многу едноставно да се приклучите на плаформата и доколку имате што да понудите да го сторите тоа без двоумење!

Завршниот настан за презентирање на проектните резултати ќе се одржи на 8.10.2020 во 10 часот како вебинар преку ZOOM платформата.

Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Косово.

А.Н.