Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

Да се слушне легендата или барем ехо на легендата за Преспана и Лабуд, низ поетска реч на инспиративна преспанска поетеса Лидија Дочовска Павловска , ова лето ја имаа привилегираните, оние кои го посетија Туристичкиот саем во Преспа. Прецизно сфатено, исфантазирано, обликувано, запишано, пренесено, на свој начин ни го пренесе сето тоа, со сентименти и емоции во преден план.

ТЕКСТ.МК: Најпрво ми доаѓа да ве прашам, го паметите ли моментот кога Ви надојде идејата и инспирацијата? Што носи таа легенда, каков одек од минатото во сегашноста?

ДОЧОВСКА: Голема благодарност што пројавивте интерес околу моето творештво и личност и за истото сакате да проговориме пред јавноста. Секоја една легенда е фундирана врз дел од колективниот чин на паметење на еден народ. Има легенди кои се запишани, но кај нашиот народ легендите воглавно се пренесувале преку усни преданија. Во таа легенда за љубовта, за болката има многу поетичност и пораките од тоа време испратени стигнале до нас на метафоричен начин. Подолг период од својот живот бев опседната од митот и легендата за Преспана и долго размислував како тоа литерарно и поетски да го обликувам. Беше прашање на време кога ќе седнам и она што го имав како сознание поетски да го изразам. Инспирација ми беа преданијата кои ги слушав во времето на мојата рана младост кога и всушност почнав да се бавам со поезија и проза, а кога го реализирав, доказ е стихозбирката „Солзите на Преспана“ и истоимената поема, поемата “Преспана и Лабуд” , како и “Преспанските легенди”, во чиј контекст е споменатата легенда. Но, сметам дека митот за Преспана чиј солзи го натопија Преспанското Езеро кореспондира со нашево време, бидејќи многу солзи и денеска течат и се слеваат преку Пелистерскиот слив во бистрите езерски Преспански води. Јас, преку ликот на Преспана говорам за многу анонимни Преспани чии солзи се слеваат по избраздените релјефни лица и незабележано течат. Но, можам да го пренесам и моментот на лични силни чувства кои превираа во мене  при  пишувањето на поемата и го натопуваа белиот лист хартија која во моментот ја имав при рака можеби станува збор за некаква лична идентификација на болот на Преспана и болот кој го носи авторот на поемата. Верувам, дека секој читател штом ќе ја прочита оваа книга ќе почувствува барем една своја солза која ја носи во себе, затоа на секој  читател му препорачувам да се насмевни  и  продолжи напред низ животот.

ТЕКСТ.МК: Да се биде родена Преспанка, или подобро речено како Вас и родена Ресенчанка, според мене е чест и привилегија дадена од Бога. Тоа е кодот на Преспа кој го сфаќаат само оние родените таму, што значи да се понесе преспанскиот дух, а и да се опее во песни и стихови. Вашето целосно творештво, уште во самиот наслов се гледа е посветено на родниот крај. Истражувате, или оставате легендите сами да течат низ Вашето перо?
ДОЧОВСКА: Творештвото независно дали е прозно или поетска форма е одраз на емотивниот набој, но претходно потребно е и авторот да дојде до сознание односно до истражување, проучување, сондирање по Преспанските простори низ времето. Како резултат на сите тие сознанија, некогаш инспирацијата низ потсвеста се јавува, се преточува во стихот преку перото и душата и срцето се излева на хартија за да се сподели со читателот.   
     
ТЕКСТ.МК:,,Крикот на пеликанот“ (животински украс на Преспанското Езеро н.з.), „Липите крај Сарај куќа“, „Солзите на Преспана“, ,,Така љубеше Косара“, „Преспански легенди Преспанска езерска убавица“(со коавтор), веќе во завршна фаза и во подготовка за објавување стихозбирката „Ехото на старите патеки-Виа Игнација“… што кријат овие дела во, и меѓу редови?
ДОЧОВСКА: Пред конкретно да одговорам би кажала, зса да ја напишам “Солзите на Преспана” , требаше да се внесам во ликот на Преспана, за да ја напишам “Така љубеше Косара” требаше да ја почувствувам љубовта на Косара, за да го почувствувам духот на пеликанот, немоќта на птицата, требаше да го почувствувам гневот во себе, да го осетам крикот во сопствената душа…
За да ја напишам “Липите кај Сарај куќа” ми требаше многу љубов. За да ги напишам “Преспанските легенди” ми требаше  истражувачки дух и имагинација. Во поемите ја претпочитам светлината наспроти мракот и го насочувам летот на пеликанот кон убавината на езерото и барам од него да ги замолкне криковите на мрачната страна, да ги замени со победнички крикови што ќе бидат одраз на желбата да се оди напред низ животот, ги запирам солзите на Преспана, ја декларирам тезата “не е важно од каде сум кога патувам по патеката на љубовта” , ја ставам љубовта на пиедестал во меѓучовечките односи…Една константа, поента што може да се извлече од сите мои книжевни дела е тоа дека  претендираат на човекољубивиот, на хуманиот момент, односно да доминира во книгата она што е општоприфатливо за сите, нешто што ги зближува луѓето.
Основа на сите поетски книги се настани и случувања од мојот крај и сето она што е во нив изнесено го носам во себе. Желбата да се нурнам подлабоко во историското минато, низ митологијата , да доживеам и преработам одредени митови и тој емотивен порив да се пренесе на читателот низ една поетска форма. Значи, да пренесам одредени аргументи кој претставуваат соодветни факти оставајќи свој безвременски печат. Секое дело само за себе се промовира,  си има своја приказна, дали се работи за историски настани кои се дел од нашата историографија, митови, но никој не знае дали се преданија или вистини, лични доживувања односно согледувања на авторот низ едно дидактичко пренесување на стихот.
ТЕКСТ.МК: Најново што пишувате е романот со работен наслов „Ноќите крај чешмата на Доча“, за чешмата Доча  од каде потекнува и Вашето момински презиме Дочовска. Ќе ни дозволите да ѕирнеме во лајт мотивот, пред книгата да биде објавена? 
ДОЧОВСКА: Точно, јас потекнувам од ресенската фамилија Дочовски. Емотивно сум врзана со овој простор бидејќи од мала често сум праќана да налеам вода од споменатата чешма, а чешмата кај Дочовци ја третирам како култно место кое кореспондира со фамилијарното презиме бидејќи се наоѓа на просторот на дел од мојата фамилија Дочовци која е една од постарите градски фамилии во Ресен. Култното место ми е само повод кој го користам да го означам преспанското поднебје, а лајт мотивот е современиот живот и дел од неговите сегменти, насилството посебно семејното кое е актуелно и професионално го среќавам низ мојата работа и секако љубовта, заљубеноста, која е смислата на човековото животно патешествие сето пропратено низ една психолошка анализа и филозофско третирање на одредени појави.
ТЕКСТ.МК: Иако сте ориентирана како роднокрајска поетеса, сепак Вашата главна промоција ја направивте годинава во Друштвото на писатели  во Скопје која беше претходно најавувана и медиумски покриена. Да очекуваме и една голема промоција во Сарај куќа, но со малку погуст состав на поети и писатели од цела Македонија и пошироко?
ДОЧОВСКА: Со тоа што постанав член на Друштвото на писатели на Македонија, со промоцијата на новата книга „Липите кај Сарај куќа“ сакав да му дадам значење на тој настан од аспект на чувство на лична среќа. Од тој факт сакав таа промоција да ја презентирам во матичната куќа на поетите, писателите каде и нивното присуство беше очигледно. Во помалите места малку потешко е да се направи една таква промоција, но сепак во иднина ќе се обидам да испровоцирам да присуствуваат уметници од таа фела, затоа што амбиентот на ресенскиот Сарај со неговата грандиозност е вистински рај каде би се преточувал поетскиот и писателски дух со квалитетни содржини на многу уметници, место каде би се преплетувале настани од историјата и современиот свет. Ќе оставиме на времето да ни го покаже просторот кога  ќе ја направиме промоцијата.
ТЕКСТ.МК: Вие сте правник, која работи во МВР, а поетската нота пропејува во слободно време. Иако пишувате речиси цел живот, на јавноста повеќе и се претставивте во зрелите години. Која е пораката која сакате да ја оставите со своето творештво, без ние произволно да ја погодуваме?
ДОЧОВСКА: Да, јас по образование сум дипломиран правник, а по Божјата промисла се бавам со пишување од раната младост. Професионалната определба не претставува никаков лимит за да го изнесам тоа што го носам во себе и го споделам со читателите. Во светската и македонската литература има безброј примери каде големи поети или раскажувачи се далеку од своите професионални определби, а сепак оставиле големи траги во литературата.
Пораката која сакам да ја оставам, е порака на моето срце и душа, порака на мојата личност а тоа е мојата алтруистичка природа односно, секогаш верувам во ЧОВЕКОТ, го сакам човекот, сакам секогаш да се почувствува онаа синергија да се биде секогаш ЧОВЕК ДО ЧОВЕК, иако секој го носи и “ѕверот” во себе, сепак во зародишот на човечката душа човекот ја носи Љубовта која мултиплицира љубов. Убавиот збор, благородното дело, великодушната постапка, сето тоа го прави животот еден мозаик од среќа кој прави една привлечна и прекрасна целина.  
ТЕКСТ.МК: Велат, поетите и поетесите главно на виделина ја изнесуваат својата болка и тага, но сосема суптилно и дозирано да не повредат нечија ранлива душа. Ако пишувањето е тивка тага, што ја прави радосна една убава и талентирана жена како Вас?
ДОЧОВСКА: Ви благодарам на убавите зборови… Радосна ме прави ако мојата тага, болка стигне до нечие срце, го отвори, го разгали и можеби се најде себе си во иста емотивна состојба. Ако читателот ја осознае суштината што сакам да ја доловам, преку убавините на Преспанскиот регион, случувањата од минатото кои кај читатлот  сакам да побудат чувство на гордост и достоинство врзано со неговото потекло од овој крај… Радоста, среќата, ја чувствувам кога патувам кон откривање и остварување на целта и ја насочам својата енергија кон тоа. Секој од нас има потенцијали за среќа и трајно исполнување. А најголемата среќа ја чувствувам кога ги правам среќни луѓето што се во моето опкружување а и новостекнатите пријателски и човечки односи.