Поради новонастанатата ситуација со ширење на корона вирусот во Италија, речиси сите јавни настани на северот на државата се откажани. Последната информација стаса од Венеција, во која се вели дека последните два дена од надалеку познатиот карневал што привлекува туристи од целиот свет, се откажани. Гувернерот на регионот Венето, Лука Заја изјавил дека поради епидемијата со корона вирусот сите јавни настани се откажуваат.

На прес конференцијата одржана по повод откажувањето на венецијанскиот карневал, Заја им рекол на новинарите дека настаните закажани за текот на денот ќе се одржат, но од вечерва се запираат сите активности поврзани со карневалот. Заја информирал дека забраната за јавни настапи, во кои влегуваат и спортските, се забранети до 1 Март, а во зависност од динамиката на ширење на корона вирусот на 1 Март ќе соопштат што ќе се случува понатаму. Тој исто така информира дека во Венеција се регистрирани на 2 лица заразени со корона вирус.

Оваа информација ги заинтригари и големиот број на македонски државјан(к)и кои планираа осмомартовските празници да ги поминат во Италија. Од туристичките агенции денеска нема одговор дали ќе ги обештетат патниците кои уплатиле аранжман за Италија. Но, според Законот за правата на потрошувачите, агенциите мораат во целост да ги обештетат туристите кои ги платиле овие аранжмани доколку во местото на патување е прогласена епидемија и преставува ризик по здравјето и животот на туристите.