Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) издаде итно одобрување за употреба на првиот брз тест на ковид-19 за домашна употреба. Станува збор за молекуларен тест „Луцира ковид-19“.

Иако дијагностички тестови за Ковид-19 веќе може да се направат дома, па да се испраќаат примероци, ова е првиот тест што луѓето можат да го направат сами, но и самите да ги прочитаат резултатите, нагласува ФДА на официјалната веб-страница.

„Оваа нова опција за тестирање е важен дијагностички напредок за решавање на пандемијата и намалување на товарот врз јавните здравствени системи“, соопшти агенцијата.

Патем, брз домашен тест можат да направат сите лица на возраст од 14 години нагоре, за кои лекарот се сомнева дека имаат коронавирус.

Функционира така што потенцијално заразеното лице ќе земе брис од носот, го става во епрувета, а потоа на местото предвидено за тоа. По околу половина час, резултатите може да се прочитаат директно од осветлениот дисплеј. А.Р.