Институтот за јавно здравје, ИЈЗ, го објави извештајот за состојбата со заболените од КОВИД-19 за периодот од 14 до 20 декември 2020 година. Според ИЈЗ тестирани се вкупно 15.607 материјали во лабораториите за присуство на SARS-CoV-2, што е  намалување од 1,6 отсто во споредба со една недела претходно, а процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 29,3 отсто, што е помалку за 5,5 отсто.

Во таргетираната недела регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, или помалку за 16,9 отсто, во однос на една недела претходно. Најголем дел од случаите сѐ уште се од Скопје (n=1.960; 42,7 отсто), со неделна инциденца – 221,6/100.000.

Најзастапена е возрасната група од над 60 години (n=1.343, 29,3 отсто). Голем број на заболени има и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=885; 19,3 осто), од 30-39 (n=810; 17,7 отсто), од 40-49 (n=801; 17,5 отсто) и од 20-29 (n=509; 11,1 отсто). Најмал број заболени има кај децата од 0-9 (n=59; 1,3 отсто) и 10-19 години (n=178; 3,9 отсто).

„По два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, за 15,1 отсто помалку во споредба со минатата недела“, соопштија од ИЈЗ.

Во извештајот на ИЈЗ, е наведено дека од почетокот на коронакризата, во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (69,0%), кашлица (40,4%), малаксаност (40,3%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,1%), главоболка (22,2%), мускулна болка (18,2%), болка во грло (14,9%), треска (13,7%) и отежнато дишење (10,1%).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (59.893; 76,4%), кај 14.063 или 23,7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од случаите кои се епидемиолошки истражени (59.893; 76,4%), пријавени се 385 (0,6%) случаи кај бремени жени, од кои 61 била хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 109 се асимптоматски случаи. Од 59.893 истражени случаи, кај регистрирани се 2.954 (5,0%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Во неделата од 14 до 20 декември 2020 година регистрирани се 159 смртни случаи од 25 градови, што е помалку за 8,6 отсто во однос на минатата недела. Според возраста, 131 лице имале над 60 години, 17 лица биле на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се од возрасната група 40-49 години и три случаи од лица на возраст од 30-39 години.

Од почетокот на пандемијата регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 21 смртни случаи кај здравствени работници. Сто четириесет и четири (6,2%) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а 2.170 (93,8%) починале за време на хоспитализација.

Ал.Н.