Министерот за економија Крешник Бектеши денеска промовираше нова економска мерка за поддршка на туризмот. Со 250 илјади евра ќе се субвенционираат семинари, обуки, конференции…кои ќе се одржуваат во хотелите. За прв пат од започнување на пандемијата, државата излезе со мерки и за невладините организации и здруженијата. Според Бектеши државата ќе покрие 50% од трошоците на невладините организации, здруженија, компании… кои ќе организираат настан во хотел. За оваа мерка ќе може да се аплицира за максимум 3 настани, а апликантот ќе добие максимум по 30 илјади денари за настан.

Бектеши информираше дека во завршна фаза е и веб платформата „Дома си е дома“ на која граѓаните ќе имаат можност да проверат дали им следува ваучер за туризам од 100 евра, како и платежна картичка од 50 евра за купување домашни производи. Листата ќе биде достапна во текот на оваа недела.

Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека викендов Владата остварил средба со коморите на која се разгледувале нивните предлози, и дека еден од предлозите е да се продолжи со мерката за финансиска помош на компаниите за минимален личен доход од 14.500 денари.

„Едно од барањата е финансиската помош од 14 500 да се продолжи уште неколку месеци. Некои мислат дополнително еден месец, некои имаат предлог да се продолжи два месеци. Во моментот кога зборуваме се прават проекциите и можностите што ги имаме во склоп  на програмата Ковид 19 која е во Генералниот секретаријат и секако ако имаме финансиска можност зошто да не ја продолжиме мерката.“ рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Н.С.