По приведувањето на бившиот министер за заштита на животната средина и на водата на Бугарија, Нено Димов, се отворија многу прашања кои меѓу другото како бумеранг удрија и по нас. Со отворањето на „пандорината кутија“ со увозот на ѓубре од Италија во Бугарија, а за кое и италијанската влада води истрага, се испостави дека фирмата која го увеззувала истото има „македонско потекло“. Во сопственичката структура на компанијата увозник, „Блацион ДОО“, има четири сопственици од кои двајца се Македонци, Блаже Игнатов и Горан Ангелов, а едниот од нив пак беше директор на најголемата депонија кај нас, „Дрисла„ во моментот кога скандалот се појави во Бугарија (сменет е од директорската позиција веднаш по појавувањето на скандалот)…Која коинциденција нели?

Според пишувањата на бугарскиот весник СЕГА Окружното обвинителство во Бургас започна предистражна постапка за нерегулираниот увоз на 25 контејнери италијански отпад. Слична пратка е запленета и на пристаништето Варна, а деновиве кеси отпад на далеку познатиот ланец на супермаркети од Италија „CONAD“ се најдени во депонии низ повеќе градови на Бугарија (Враца, Плевен, Глабаво …) Како што информираат од Софија, товарот бил транспортиран со брод на 5 септември 2019 година и добил аранжман за привремено складирање до 90 дена. Според документите, стоката била декларирана како пластичен отпад и гума, но е констатирано непочитување. Во контејнерите најмалку имало тоа, а најмногу железо, тетрапак, текстил…

„Испорачател на контејнерите е италијанската компанија„ Дентице пантелеоне “со седиште во Авелино, Италија. Примател на товарот е бугарската трговска компанија„ Блацион “ДОО, со регистрирано седиште во Софија, но управувана од државјанин на Македонија, Блаже Игнатовски, се вели во соопштението на државното обвинителство. Испраќачот и примачот на контејнерите се исти како оние на нерегуларно пристигнатото ѓубре во пристаништето Варна.

Во пристаништето Варна-Запад, истражителите продолжуваат да ги отвораат 25-те контејнери на нелегално увезено ѓубре од Италија. Обвинителството во Варна побара помош од италијанските власти за да се обезбедат информации за диспечерот, компанијата  „Дентице Пантелоне“ со седиште во Авелино, објави БГНЕС, повикувајќи се на обвинител за гонење. Исто така, се бара да се утврди дали сопствениците на компанијата примател – македонските државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов, живеат во Бугарија или како што се вели ќе бидат побарани со помош на Северна Македонија. Нивните партнери Езио Боче и Винченцо Трасари ќе се бараат преку меѓународна соработка.

Компанијата извозник е основана во 1984 година, и е специјализирана за рециклирање и повторна употреба на отпад, отстранување цврст индустриски отпад и преработка на пластика. Според веб-страницата на компанијата, ова е можно со инсталирање на полуавтоматски систем за работа. Испораката била за Блацион ДОО, но во моментот нема приведени лица. Бугарската компанија примател е регистрирана како компанија со ограничена одговорност и нејзините активности во портфолиото вклучуваат собирање, третман и трговија со комунален отпад.

 

Која е улогата на македонските бизнисмени во аферата?

Контејнерите за отпад што пристигнаа на пристаништето во Бугарија требало да бидат пренесени во термоцентралата Бобов Дол. Ова наводно за БГНЕС го изјавил македонецот, кој ја води фирмата „Блацион ДОО“ Горан Ангелов, инаку актуелен директор на депонијата „Дрисла“.

Според Ангелов, отпадот не бил пренесен во ТЕ „Бобов Дол“, затоа што кога пристигнал во пристаништето, лиценцата на постројката за согорување на отпад веќе била истечена. Тој објаснува дека станува збор за пластика и гуми.

„Отпадот од дрво, текстил и стакло не е забранет. Ова ќе го докажат експертите по извршениот увид“, рече Ангелов за македонската информативна агенција (МИА) откако се рашири информацијата за неговата инволвираност во аферата. Тој додава дека доколку се добие дозволата, отпадот ќе се пренесе во термоцентралата „Бобов Дол“, во спротивно ќе се врати во Италија.

Бобов Дол

Термоцентралата Бобов Дол, поврзана со бизнисменот Христо Ковачки, пред два дена беше предмет на проверка од страна на обвинителството и од САНС. Причината беше поради тоа што отпадот што беше запален немал сеопфатна дозвола. Ново назначениот министер за животна средина и вода, Емил Димитров, изјави дека немало штетни емисии, едноставно станува збор за непочитување на постапките. Следниот ден, Димитров на брифингот за новинари рече дека една од инсталациите на ТЕ „Бобов Дол“ ќе биде затворена бидејќи ги нема сите дозволи од еко-министерството.

Она што останува да лебди е како може директорот на најголемата депонија кај нас, „Дрисла“ да биде акционер во фирмата која увезувала отпад од Италија во Бугарија. И како да веруваме дека дел од отпадот „не скршнал“ и кај нас особено откако се знае дека италијанското обвинителство води истрага против италијанската мафија од Сицилија за извоз на отпад во Бугарија.

Ангелов замина од првата фотеља на Дрисла, а дали ќе седне на обвинителното столче во Софија, останува да видиме. Таму се уште се испитува содржината на контејнерите, од кои, како што информираат бугарските медиуми, се има расфрлано отпад и во други градови низ соседна Бугарија. И најавуваат дека ќе бараат помош од нас,  доколку актуелните сопственици на компанијата увозник доброволно не се јават на повикот за распит.

А, веројатно јавното обвинителство и кај нас ќе се заинтересира за работата на Ангелов. Според информациите што ги објави Радио Слободна Европа, од 2012 до 2014 година во земјава биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад, што е значително повеќе во однос на увезените количини во претходните години и годините потоа. Истовремено, податоците покажуваат дека земјата во просек годишно произведува од 700 до 800 тони комунален отпад, а на пример во 2016-та компаниите во земјава создале помалку од два милиони тони индустриски отпад.

И, не само пради тоа, туку и поради многу други информациикои како под тепих излегуваат срамежливо една по една. Имено, информациите до кои стасаа новинарите покажуваат дека само за две години, во периодот од 2012 до 2014 година во земјава биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад, што е значително повеќе во однос на увезените количини во претходните години и годините потоа. Истовремено податоците покажуваат дека земјата во просек годишно произведува од 700 до 800 илјади тони комунален отпад, а на пример во 2016-та компаниите во земјава создале помалку од два милиони тони индустриски отпад. А, само колку за потсетување Дрисла на почетокот на 2013 година по распишан меѓународен тендер од страна на Град Скопје, а во време кога на власт беше ВМРО, беше доделена на италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте да ја расчисти и да ја развие депонијата. Колку оваа фирма има врска со ортаците на Ангелов во „Блацион“ оставаме на обвинителството да открие. Како и да се види која е вмешаноста на тогашниот градоначалник Коце Трајановски во аферата „увоз на отапд“

Податоците покажуваат дека од вкупно 8.209.733 тони отпад кои во 2014 година влегле во земјава од странство, најмногу е увезено од соседна Бугарија, над седум милиони и 400 илајди тони (7.402.061), а во истиот период биле увезени и повеќе од 490.000 тони отпад од Србија и над 250.000 тони од Обединетите Арапски Емирати, покажуваат документите кои ги доби Радио Слободна Европа од Државниот завод за статистика. Колку и да сакаме да бидеме оптимисти се наметнува прашањето како баш најмногу увезуваме ѓубре од Бугарија и тоа во период кога таа е главна дестинација за ѓубрето од Италија?! А, згора на тоа еден од главните увозници на отпадот од Италија наменет за Бугарија д ати биде директорот на скопска „Дрисла“. Многу коинциденции!

Останатиот дел од отпадот земјата во тој период го увезла од Турција – над 32 илјади тони, а помали количини се увезени од други земји од Европската унија како Франција, Германија, Грција, Шпанија, Италија, но и од Швајцарија и од други држави.

Потписникот на овие редови се обиде да добие одговор од МЖСПП дали на листата на увозници на отпад се наоѓа компанијата на Ангелов, „Блацион“, но за жал безуспешно. Имено, од МЖСПП велат дека документите за периодот за кој се интересираме ги има во некои нејзини документи, но дека тие не се ставени во регистри кои можат да и ги достават на увид на јавноста.

Од МЖСПП објануваат дека кај нас е дозволен отпад исклучиво за преработка.

Зелената партија ДОМ бара итно да се изгласа измената на Законот за управување со отпад со што ќе се забрани увоз на отпад како гориво и ќе се отстрани тој извор на загадување во време кога аерозагадувањето е многу високо, а институциите за контрола слаби.Но, на изненадување на предлагачите и на сите што го следат процесот, претседателот Џафери ја прескокна точката, со образложение дека не се создадени деловнички услови за разгледување.

Немало радиоактивен отпад, но декларацијата не соодветствувала со реалноста

Информацијата од Бугарија што преку соопштение ја сподели обвинителството на Бургас, се вели дека во проверените контејнери со отпад немало радиоактивен отпад, но дека поднесената декларација за содржината во контејнерите не е соодветна со реалноста. Во соопштението, меѓу другото се потсетува дека „рафинираното производство е донесено до пристаништето на Бургас во 20 контејнери за отпад. Отпадот бил транспортиран на 5 септември 2019 година, со режим на време на складирање до 90 дена“. Според документите, тој бил деклариран како отпад од пластика и каучук. Испраќачот на контејнерот е италијанска компанија со седиште во Авелино, Италија. Примател на товарот е бугарската трговска компанија „Блацион“  со седиште и адреса од Софија. Со него, колку за потсетување, управува Блаже Игнатовски, граѓанин на Република Северна Македонија, а дел од сопствеништвото има и штотуку сменетиот директор на скопската депонија „Дрисла“, Горан Ангелов.

Обвинителот Чинев информира дека во контејнерите се најдени отпадоци од хартија, метал и текстил, и тоа не е содржината на отпадот што се наоѓала на декларацијата.

Настрана етиката, да бидеш назначен за директор на најголемета компанија во една држава, а да го „тераш истиот бизнис“ со странските партнери од домицилната држава во трета, е навистина далеку од професионално. Во некои компании менаџерите дури и потпишуваат документ во кој се забранува 1-2 години по завршување на работниот однос лицето не смее да работи во истата сфера во друга, конкурентна компанија. А, „нашиов“ директор не чекал ни да му заврши работниот статус во фирмата, туку користејќи ги врските и линковите со Италијанците како менаџер во најголемата македонска депонија, си отворил фирма во соседна Бугарија и си терал бизнис. Прашање е и како успеал и тука и таму да биде успешен? Ако се знае кој профит му носел таму бизнисот повеќе од јасно е за каде повеќе се залагал…И, она што е најважно кој може со сигурност да докаже дека некој од контејнерите не успеал да ги донесе и во Дрисла?

А, се почна во октомври минатата година откако возен конвој бил пресретнат на станицата Леко, во близина на Милано, од каде товарот требал да замине за Бугарија. Вагоните биле преполни со отпад од веќе третирани пластични производи. Во пракса, овие се крајни производи од активности за третман на пластика, а не, како што е наведено во документите за извоз, пластичен отпад што допрва треба да се третира.

Отпадот требало да стигне до Бугарија преку Словенија и Хрватска, со услов дека се работи за материјали што треба да се третираат. Според карабинерите на единицата за животна средина под раководство на потполковник Масимилијано Корсано, сето тоа е направено за да се заобиколат нормите и незаконски  да се топи отпадот во Бугарија. Меѓу балите, практично немало што да се третира, објави Новини.бг.

Истрагата е започната по сигналот од Царинската агенција во Леко. Така започнал увидот на вагоните подготвени за заминување, по што била распишана потерница од судија од Милано. Истрагата треба да утврди кој ја организирал пратката на отпадот, за кого била наменета, а особено потеклото на пластичниот отпад. Првите претпоставки се отпад од компании од Централна и Северна Италија. Анализирана е и документацијата. Меѓу балите се пронајдени материјали од пластика, гума, текстил, тетрапак, мешано ѓубре и друго.

Според истражителите, како и во други случаи, најверојатно е дека нелегалните пратки со нелегален третман се испраќаат во странство од нелегални организации. Сомнежот е дека штом пристигнале во Бугарија, отпадот веројатно требало да се напушти или да се депонира во депониите без да се придржуваат кон еколошките стандарди. Италијанските медиуми кои ја третираат оваа тема, тврдат дека во целата оваа афера е вмешана сицилијанската мафија, која откако го загубила пазарот во Кина, се свртила кон Балканот. Таргет земји и биле Бугарија и Романија…

Корените на трговијата со отпад лежат уште од 1990 г

Италијанската невладина организација Легамбиенти е прва што поднесе извештај против италијанската мафија за тргување со ѓубре. Претставник на организацијата во изјава за ТЕХТ МК вели дека првите сигнали за еко-криминал во Италија се појавуваат Областа околу Наполи. кое е едно од најплодните области во јужна Италија. Обвинителството започнува низа истраги и воспоставува врска меѓу бизнисмени од северна Италија и локалната мафија, кои со помош на некои локални политичари поставија депонија и гориште за отпадоци во близина на Наполи. Италијанските власти формирале и специјална единица за истрага на еко-мафијата и ги ставиле еко-злосторствата под казнени закони за сериозни кривични дела на почетокот на 90-тите. На подрачјето меѓу градовите Неапол и Казерта, еколозите наоѓаат илјадници нелегални депонии за токсични материјали и согорување на пластичен отпад. Затоа оваа област се нарекува и „Огнена земја“.

Само колку за потсетување, во 2007 година, ЕК ја осуди Италија за отворање на 4.860 нелегални депонии на нејзината територија. Областа во близина на Неапол беше под воена контрола 4 месеци. Депониите се затвораа, а Наполи беше расчистен од отпад, додека Италија го регулира извозот на отпад. Оттогаш, откриени се пратки ѓубре за Бугарија. Непалското ѓубре е откриено на пристаништето Варна, а вчера било пронајдено ѓубре и од Салерно.

Овде е формиран „триаголник на смртта“ со токсични материи. Бугарија се појави на криминалната мапа подоцна. Правните канали се кон Африка, Азија и кон Европа, Австрија, Португалија и Шведска. Откривме и нелегален сообраќај кон Индија и Кина – велат од невладината организација.

Како и да е во наредните денови се очекува да продолжи истрагата во Бугарија, а кај нас јавното обвиителство и т.н. зелени обвинители да превземат дејствија за истрага околу можниот криминал со наводниот увоз на отпад. А,  имаат за што да се „фатат“ – неколкупати удвоениот увоз на отпад од Бугарија и зошто баш оттаму, кој стои зад „Блацион“ и која е врската на италијанските партнери со фирмата што стопанисувала со Дрисла, како е можно и тука и таму да работи исто – има ли конфликт на интерес…Колку и да се најдат одговори на овие прашања, сепак треба да се има едно на ум: ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ЦЕЛОСНО ПРАВО ДА ДОБИВААТ ВИСТИНИТЕ И ТРАНСПАРЕНТНИ ИНФОРМАЦИИ.

Останува да видиме дали ќе го решиме проблемот или се ќе се сведа на песната на Бора Чорба…„и остани ѓубре до краја.“

 

Пишува: Наташа Доковска

(Сторијата е изработена во рамките на проектот „Зелени фондови во сивите области – Корупција во фондовите за заштита на животната средина под лупа на медиумите и невладините организации во Република Србија и Република Северна Македонија„ имплементиран од Ромски центар за демократија (РС) и Зелен Институт (РСМ) е поддржан од Европската унија преку програмата за мали грантови на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Ставовите изразени во оваа статија не го одразуваат ставот на Европската унија и/или на партнерите во проектот.)