По престанувањето на вонредната состојба едно од главните прашања за граѓаните е дали со нејзино престанок, престануваат да важат и мерките во однос на ослободување од работа на родителите на деца до 10 години и другите ранливи категории на граѓани во однос на пандемијата.

Сепак, Владата вечерва донесе Одлука дека остануваат во сила времените мерки со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени.

Исто така, во сила остануваат мерките за самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19, се вели во одлуката на Владата.

Пред десетина дена и министерот за здравство, Венко Филипче во изјава за ТЕХТ.МК рече дека и по зврашување на вонредните мерки ќе продолжат да важат времените мерки и дека породилното отсуство на сите родители е продолжено до 31 јули оваа година.

Н.Доковска