И избраните судии и јавни обвинители воаприл и мај ќе добиваат минимална плата од 14.500 денари, со Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба која ја донесе владата.

Владата претходно извести дека со ова Уредба ќе бидат опфатени пратениците, Претседателот,  функционерите кои ги именува Претседателот, претседателот на Собранието, функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието, претседателот на Владата и избраните и именуваните лица од Владата, градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на функцијата, именувани лица од Владата кои остваруваат право на плата согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата.

Заштедата по основ на оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок дотации изнесува околу 240 милиони денари за 2 месеци.

Со одредбите од оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите, односно лицата кои раководат со регулаторно тело, лицата кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, и во институциите кои вршат работи од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи, јавните претпријатија основани од државата или од општините, од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје и акционерските друштва во целосна сопственост на државата.

Одредбите од оваа уредба со законска сила се однесуваат и на назначените државни секретари, генерални секретари, секретарот на Градот Скопје и секретарите на општините, кои остваруваат право на плата согласно Законот за административни службеници.

Целта на донесената Уредба за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор на минимална плата во износ од 14.500 денари е обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19. А.Р.