Како последица на корона вирусот утрово починал заменик градоначалникот на Скопје, успешниот бизнисмен Енвер Малиќи. Како што се дознава тој бил донесен во исклучително влошена состојба и лекарите цела ноќ се обидувале да му го спасат животот.

Во неговата биографија е запишано дека беше почесен конзул на Мексико, успешен бизнисмен и заменик градоначалник на Скопје. Тој беше назначен за заменик градоначалник од страна на градоначалникот Петре Шилегов. Малиќи беше советник на ДУИ, управител на компанијата „Гемак Трејд“ и сопственик на луксузниот „Парк Хотел Спа“.

Енвер Малиќи беше назначен за заменик-градоначалник од страна на градоначалникот на Скопје,  Петре Шилегов. Тој е советник на ДУИ и беше втор на советничката листа на локалните избори. Малиќи е еден од најбогатите регистрирани сопственици и стопанственици на листата членки на Стопанска комора на Северозападна Македонија, но и воопшто, еден од најбогатите во државата. Енвер Малиќи беше сопственик на компанијата Гемак Трејд, која во регистарот на Стопанска комора се води како средна компанија којашто се занимава со трговија.

На официјалната страница на оваа компанија стои дека Гемак Трејд е приватно трговско претпријатие основано во 1991 година. Започнува со трговија, увоз и дистрибуција на електрични апарати и потрошувачки добра, како и акцизни производи вклучувајќи и duty free бизнис во периодот од 1991 до 1994. Во тоа време Гемак отвора и продажна мрежа на престижни продавници низ Скопје.

Гемак Траде во моментот е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку програми на светски познати производи . Увозник на странски алкохолни пијалоци и цигари, меѓу другото.        А.Н.