Поаѓањето во градинка е една од најголемите промени кои до тогаш му се случила на вашето малечко. Нормално е тоа да биде стресен период за Вас и Вашето дете.

Пишува: Елена Петрушевска-Веловска
Дипломиран психолог
Вработена во ПДУ„Светот на Колорес“-Аеродром

Од секојдневната работа во градика и комуникација со родителите, особено во овој период кога повеќето дечиња за прв пат се запознаваат со градинката, добив потреба повеќе внимание да им посветам на родителите и нивното однесување. Врз основа на тоа сакам да им укажам на неколку нешта кои се особено важни за нив, а воедно ќе го олеснат периодот на адптација на детето во градинка.

Секојдневно се соочувам со прашањата: „Зошто толку многу плаче?“, „До кога ќе плаче, уште колку денови?“, „Да не е премногу тажно?“, „Да не е истрауматизирано дека го оставаме овде?“, „Се двоумиме дали да тргне сега  или да почекаме уште некое време?“.

Драги родители, еве неколку совети кои би ги споделила со Вас:

– Најпрво Вие како родител, психички подгответе се за овој сепарационен период. Не постои пишано правило за времетраењето на плачењето, секое дете е индивидуа само за себе и не можеме да го споредуваме со другите. Може да направиме споредба со неговото однесување од претходниот ден, но не и со однесувањето на детето со кое сте се сретнале пред градинката.

– Детето е најголем „детектор“ на Вашите чувства и емоции, затоа бидете сигурни во својата одлука дали да го носите во градинка и секогаш имајте позитивен став кон тоа. Ако детето почувствува дека сте тажни, несигурни, загрижени, не очекувајте тоа да реагира поинаку. Не заборавајте,  децата учат по модел, а во оваа возраст најважен модел сте Вие.

– Нормално е детето да не сака да влезе во градинка, да одбива да ја фати за рака воспитувачката, да плаче, протестира и да е вознемирено. Тоа е затоа што кај него се јавува „страв од непознато“. До тој ден било во семејна атмосфера каде целото внимание било свртено кон него и задоволување на неговите потреби, ја имало заштитата од своите родители и се чувствувало сигурно.

Отпорот кон разделбите и стравот од непознато највеќе се изразени помеѓу 12 и 16 месец од животот, потоа постепено исчезнуваат.

Социо-емоционалната врска родител-дете е многу важен фактор. Првите позитивни и силни врски, отвараат можност за нови социо-емоционални врски. Откако детето ќе создаде нова, стабилна врска, се јавува потребата за рзвојот на независноста и самостојоста. Затоа е многу важно да му дадете можност на своето дете само да ги извршува работите кои може, така кај него ќе се развие поголема свесност за себе и своите потреби. Ова е добро да се знае кога детето поаѓа во градика, бидејќи кај него нема да се јави дополнителен страв сличен на: „сега нема кој да се грижи за мене и да ми помогне“.

– Неколку месеци пред да појде детето во градинка (освен во исклучителни ситуации) со ентузијазам зборувајте му за тоа што го очекува таму, кој ќе се грижи за него, како ќе му биде исполнет денот. Има многу снимки и видеа на интернет кои ја прикажуваат  атмосферата во градинките. Сето ова треба да го покажете и прикажете како позитивен настан. Никогаш не го заплашувајте детето со градинката.

– Од голема важност е да се воспостави добра и зрела релација родител-воспитувач. Многу родители сметаат дека своето најмило сега го оставаат во рацете на странец и гледаат кон воспитувачот со недоверба, несигурност и сомнителност. Сосема ПОГРЕШНО. Градинката е устаова во која се вработени лица кои што секојдневно се грижат за многу деца, ги сакаат и чуваат како свои. Несигурноста на родителот се рефлектира и кај детето.

– Могу родители сметаат дека со разговор пред вратата на градиката ќе го убедат детето да влезе внатре, но колку е подолга разделбата Вашето дете повеќе ќе се вознемирува и плаче. Повеќето деца не ни забележуваат дека воопшто им зборувате.

Не се вознемирувајте премогу од плачот, па и дома плачат. Децата немаат усвоено доволен број на зборови, ниту знаат како да ги опишат со зборови емоциите и чувствта кои се јавуват кај нив при разделбата. Затоа плачењето го бираат како алтернативно сретство на изразување.

Кога плачат, се вознемирени и не можете да ги смирите, никако не ги навредувајте нив како личност (не велете: „лош си“, „плачко“ и сл.) туку насочете се кон нивното однесување и укажете им дека тоа не е добро, а не дека тие се лоши деца. Тоа влијае врз градење на позитивна слика за себе и врз самодовербата на детето.

– Друг важен фактор е времето кое ќе го поминат во градинка првите денови. Се препорачува на почетокот тоа да е пократко и тоа во периодот на игра, па постепено да се зголемува. Во тој период детето ќе стекне доверба и во воспитувачките и во родителите и полека кај него ќе исчезне стравот „дека мама и тато нема да ме земат“.

– Дозволете му на детето со себе да ја понесе својата омилена играчка, книга, ќебенце. Така ќе се чувствува посигурно.

Периодот на адаптација трае околу еден месец, секако дека има и исклучоци.

Е па родители, СРЕЌНО!!!!!

Бидете цврсти и не попуштјте пред плачењето, инаетот и протестите на Вашето дете. Тие мали итри умови ги испитуваат Вашите границите. Ако еднаш се откажете и се вратите назад со детето, тогаш настанува вистиски проблем и повеќе потешкотии при адаптација во градинката.