Пишува: Филип Спировски

Рецептот што денеска ќе ви го опишам потекнува од домашната кујна која има свој развој во последните петнаесетина години, а достигнува кулминација во непосредниот постизборен период.

Празници се ближат, сметките се празни, а идеи за заработување без работа има колку ти душа сака. Од нив најдобри се туѓите идеи каде што треба друг да ја сработи работата, па ако сака нека се работи и за енормна заработувачка.

Елем, пред неколку дена ми го снема автомобилот од пред зграда. Утрото ми почна со збунувачко трепкање во правец на местото каде го паркирав автомобилот претходниот ден. На негово место друг, непознат автомобил. Се вртам јас, се врти целава моја фамилија, се вртиме наокулу како удрени и офкаме кај не нашле токму нас да не ограбат, половното фордче е дел од нашата фамилија. Секој од нас има по нешто лично оставено во него: ќерка ми мече, жена ми ЦД, а јас, јас половина работи што стојат во гаража (ако ја имаш) ги чувам во фордчето!

Од лелекање фајде нема! Се упативме кон пајак службата која е на стотина метри оддалеченост од зградата во која живеам. Попатно, пред да пријавиме во полиција за кражбата ги вергламе безбројните приказни за дигнати автомобили од прописни места за паркинг, од страна на Пајак службата! И глеј чудо! Во радост и вчудовидување гледаме во нашето фордче од таа страна на оградата. Ни падна камен од срце, а паѓајќи не удри по џебот. Триилјадиипетстотини денари на гладно од сабајле ни бара службеникот да платиме. На шалтерот кај полицаецот нема се уште никој. Работеле од девет. Газди!

Нема кој да објасни зошто и кому му пречело нашето возило паркирано каде што три месеци паркираат струмички камиончиња 24/7. Непрописно паркирани ама секојдневно присутни, продаваат без фискални без тоалети и уште спијат во камионите и се греат на оган запален позади камионите. Тие што треба да ги казнат: ПОЛИЦИЈАТА нели, од време на време ќе запрат со службено комбе и ќе натоварат по некоја зелка или праз во комбето и ќе заминат.

Покрај паричната казна, сообраќајниот прекршок бил за паркирање во зелена површина. Каква црна зелена површина? Возилото е дигнато во 20 часот. Секое утро таму паркираат вработените од Ветеринарна инспекција, од земјоделие и др. институции сместени во бивша Македонија табак, која се наоѓа од спротива. Преку ден не е зелена површина, никој не ги „кревет“ паркираните возила, а навечер во „Дубајски стил“ калта и шутот од недоправениот булевар, стануваат волшебна зелена површина. Тогаш волшебните полицајци во спрега со Спајдер тимот вршат рекет, обезбедуваат плата и вишоци, пополнуваат празнини во буџетот и создаваат државни непријатели. Како поинаку да се сфати постапката која нема здраворазумска логика. Зошто Пајакот не го поместил возилото три метри подолу во вирот или во калта и не залепил известување или опомена на возилото, доколку се сменила состојбата? Како сакаат новата власт  и полицијата да градат доверба меѓу граѓаните? И уште фали да се спроведе законот за локални позорникари!? Сигурно тие ќе го јадат гневот на граѓаните кои живеат во општество во кое утрото може да донесе неизвесност и стрес од непознати причини.