Филмот „Сите знаат“ (Todos lo saben) на иранскиот режисер Асгар Фархади со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во главните улоги, ќе го отвори вечерва 71. Меѓународен филмски фестивал во Кан. На фестивалот, кој ќе трае до 19 мај, ќе бидe прикажан 21 филм во главната конкуренција, кои ќе се натпреваруваат за „Златна палма“, меѓу кои и филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан во кој Македонија е еден од копродуцентите.

Освен филмот „Сите знаат“на Фархади и „Дивата круша“ (Ahlat agaci) на Нури Билге Џејлан, во конкуренција за награда се и остварувањата „Три лица“ на Џафар Панахи, „Ајка“ на Сергеј Дворцевој, „Blackkklansman“ на Спајк Ли, „ Burning“ на Ли Чанг Донг, „Dogman“ на Матео Гароне, „Во војна“ (En guerre) на Стефан Бризе, “Пепелот е целосно бел“ (Jiang Hu Er Nv) на Ји Занг Ке, „Книга на слики“ (Le Livre d`image)на Жан-Лик Годар, „Лето“ на Кирил Серебреников, „Крадци“ (Manbiki Kazoku), „Дури и ако ме разбудиш“ на Хамабучи Рјусеке.

За награда ќе се натпреваруваат и филмовите „Да се допадне, да се сака и да се трча брзо “ (Plaire, aimer et courrir Vite) на Кристов Оноре, „Нож во срцето“ (Un couteau danls le coeur) на Јан Гонзалес, „Под сребреното езедро“ (Under the silver lake) на Дејвид Роберт Мичел,„ Jomedin“ на А.Б. Шавки и „Зимска војна“ на Павел Павликовски.

Меѓу натпреварувачките филмови се и три режисерки – „Ќерките на сонцето“ (Les filles du soleil) на Ив Хасон, „Чафарнаум“ на Надин Лабаки и „Среќниот Лазаро“ (Lazaro Felice) на Алис Рорвахер.

На чело на деветчленото жири е австралиската актерка Кејт Бланшет.

Меѓу филмовите кои се натпреваруваат за „Златна палма“осум се остварувања на нови автори, а два на режисери кои не беа во можност да ја напуштат земјата – Џафар Панахи од Иран и Кирил Серебреников од Русија, кој минатата година беше уапсен под сомнение дека проневерил пари.

Она што ќе го одбележи годинашниот фестивал е воспоставување „жешка“ линија за пријавување на сексуална злоупотреба, но и забрана за селфи фотографии.

На 71. издание на Канскиот филмски фестивал Македонија учествува со еден филм во официјалната компетитивна програма, со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет, како и со неколку значајни промотивни активности.

Како што соопшти Агенцијата за филм,со скромни средства е подготвена достојна редизајнирана презентација со многу значајни активности, кои ќе бидат сериозна шанса за промоција на домашната кинематографијата и ќе ги отворат вратите на македонските филмаџии за пробив на европскиот и светски пазар.

Ова е деветто учество на Македонија на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од  Југоисточна Европа – SEE Pavilion no. 135 (заедно со уште седум земји од регионот, и тоа Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кипар).

Како што веќе информираше Агенцијата за филм, во официјална фестивалска конкуренција ќе се прикаже филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан (копродукција меѓу  Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска). Фестивалската проекција е закажана за 18 мај во 18:00 часот во салата „Grand Thatre Lumiere“, а проекциите кои се организирани за новинарите ќе се одржат во салата „Debussy“ во 18:30 часот и во салата „Bazin“ со почеток во 18:45 часот.

На филмскиот маркет ќе се прикажат два најнови филма, и тоа „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски (проекција на 14 мај со почеток во 9:30 часот во PALAIS B) и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски ( проекција на 14 мај со почеток во 12:00 часот во PALAIS C).

Освен долгометражните, на маркетот за краткометражни филмови SHORT FILM CORNER ќе учествуваат краткомeтражните филмови „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.

Веќе утре, на 9 мај, во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која ќе се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови. За  унапредување и подобрување на активностите за промоција на Македонија како дестинација за снимање, Агенцијата за филм подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Оваа страница е отворена непосредно пред почетокот на фестивалот.

Освен рекламата и промоцијата на новиот веб-сајт www.filmingmacedonia.com и локациите во Македонија, Агенцијата за филм закупи простор во „Холивуд рипортер“ на 11 мај за  честитка на целата екипа на „Дивата круша“  за успехот што го оствари и е дел од официјалната конкуренција на фестивалот.

За време на фестивалот е предвидено Агенцијата за филм на Македонија да  потпише и договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција со Косовскиот филмски центар, а додека врз основа на претходни договори со Бугарскиот филмски центар исто така подготвен е текст за потпишување договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција. Договорот од страна на двете институции ќе биде конечно дефиниран, а АФРМ во изминатиов период преку Министерството за надворешни работи почна постапка за верификација.

Изготвен е и краток трејлер за сите филмови кои се не фестивалот, а се поддржани од АФРМ.

Агенцијата за филм  обезбеди состаноци на потенцијални копродуценти на проектите веќе одобрени од страна на АФРМ, како и да овозможи присуство на неколку продуценти од Македонија кои имаат активни филмски проекти на копродукцискиот настан Roma Lazio Film Commision, каде што ќе имаат шанса да остварат средби со други продуценти учесници на настанот со цел остварување соработка.

Како промотивен материјал за маркетот подготвени се каталози со податоци за македонски филмови кои се во развој, оние кои се веќе завршени, но и за  оние кои се во одредена фаза на  реализација и придружен промотивен материјал кој ќе биде дел од промотивниот штанд на маркетот.