По серија експлозии во фабрика за пиротехника во северозападна Турција, повеќе од 150 работници останаа заробени во урнатините. Според последните информации, најмалку две лица загинале, а 74 се повредени.

Гувернерот на таа област, Четин Октај Кадирим, рекол за агенцијата „Анадолија“, дека службите за итни случаи веднаш отишле на местото на настанот, но дека поради честите експлозии не можеле да влезат во фабриката, пренесува „Би-Би-Си“.

Експлозијата во Хендек се слушнала на десетици километри, јавуваат локалните медиуми. Исто така, претставници на Владата на Турција се на пат кон местото на несреќата.

– Дојде до експлозија во регионот на Сакарја Хендек, далеку од градот. На местото на настанот се испратени 85 амбулантни возила и два хеликоптери – изјави министерот за здравство, Фахретин Коча и додаде дека на местото на несреќата се наоѓаат голем број пожарникари.

Во врска со тврдењето дека нивото на зрачење наводно било зголемено заради експлозиите, турските власти истакнаа дека тоа не е точно. А.Р.