Валентина Ѓоргиевска Парго 
Скромна, вредна, наградувана. Живее и твори во Буково, работи во Битола. Уметноста ја дефинира како Љубов. Со Љубов слика, но и подарува. Докажана во областа на цртежите и карикатурите. Кај нас и пошироко.
*Вие сте млада сликарка од село Буково. Кажете  ни нешто за себе, од кога сликате, какви мотиви, колку слики имате?
-Јас сум Кети Радевска, скромна и народна личност која сака да создава, твори и да се радува на малите нешта, сликам повеќе од 22 години. Моја специјалност е карикатурата, но имам опфатено повеќе насоки во ликовната уметност и сето тоа ме исполнува. Уметноста ми е духовно исполнение. Целосно.
* Неодамна еден убав гест од ваша страна осамна на фб, ги подаривте сликите на Месната заедница. Од каде ви дојде оваа идеја? Како беше прифатена?
-Да, ги подарив бидејќи сакав да останат како еден спомен од мене посветен за Буково. Ги работев со голема љубов. Посветив многу време додека ги опфатам сите делови од Буково и затоа решив да ги подарам на вистинското место каде што припаѓаат, а тоа е Буково. Од страна на нашата Претседателка на месна заедница Буково Билјана Главевска и од останатите, цртежите беа прифатени со голема радост.
*Пред некоја година станавте добитничка и на награда на “Битолски весник”. Раскажете ни за тоа.
-Бев предложена од мои почитувачи кои го ценат моето сликарство за манифестацијата “Најуспешни Битолчани” и потоа  ми беше доделена таа награда. Ме израдува што токму од мојот Град Битола добивам награда, често добивав од други места од светот, ама кога ќе добиеме од кај нас некако на сите нас ни се драги тие награди.
*Имате ли свои изложби, каде ги изложувате своите слики?
-Имав две самостојни изложби на карикатура во Битола едната во  2005 во Завод Музеј галерија Битола која беше во целосна организација на весникот “Его” во кој јас доста време цртав карикатури и мозам да кажам дека одлично помина таа изложба. Другата беше во МКЦ Битола организирана во целост од нив и таа беше одлично организирана и посетена, а имам доста изложби заеднички кои ги организираат низ светот каде учествуваат и мои дела,  а притоа добиваат и награди.
*Што сликате во моментов?
-Во моментов цртам за конкурси за фестивали на карикатура од каде добивам покани за да учестувам.
*Кој ви е идол од областа на уметноста и сликарството?
-Немам посебно некој да издвојам, ги почитувам сите кои создавале и создаваат зошто тоа е нашето духовно исполнение во животот. Моето мото е „Уметноста е Љубов, Љубовта е Уметност“ или „Art is Love, Love is Art“.
* Каков е животот во Буково? Што се случува, што ве инспирира? Сега е подобро да се живее в село… 
-Во Буково е добро, имаме прекрасна природа и секојдневно ме инспирира  и тоа. Јас сакам да сум тука да живеам и создавам, оттука и да се радувам. За моја среќа работам како градинарка во детската градинка “Пролет” при детската установа ” Естреја Овадија Мара” Битола и сето тоа секојдневно ме инспирира и радува .
*Што планирате во блиска иднина?
-Немам посебни планови, се доаѓа така ненадејно и оставам да биде така, да си тече животот полека. Благодарение на моите блиски лица кои се секојдневно со мене и покрај мене јас уште повеќе имам мотивација и инспирација за да посветам на ликовната уметност со уште поголем залет. Благодарение  и на тоа што имам и прекрасна директорка, Лидија Тфирст Митревска, која ми го осветлува патот, по кој што одам, а тоа ме радува и ми дава сила за да создавам и творам уште повеќе.