По неколкудневни шпекулации, кинеската влада потврди дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ја посети Кина. Потврдата дојде и од Пјонгјанг. Тој престојуваше во Пекинг на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг. Ова е прва посета на Ким во странство, откако ја презеде функцијата пред седум години.

Кинеските медиуми објавија дека разговорите меѓу Си Џинпинг и Ким Јонг Ун беа успешни. Лидерот на Северна Кореја му рече на домаќинот дека ситуацијата на полуостровот почнува да се подобрува, бидејќи Пјонгјанг започна иницијатива за намалување на тензиите и изнесе предлози за мировни разговори.

„Прашањето за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров може да се реши ако Јужна Кореја и САД одговорат на нашите напори на добра волја, создадат атмосфера на стабилност и преземат синхронизирани мерки за постигнување мир“, рече Ким Јонг Ун.

Претседателот Си Џинпинг го информираше американскиот претседател Доналд Трамп за посетата. Од Јужна Кореја – позитивна реакција за состанокот во Пекинг.

„Подобрувањето на односите меѓу Северна Кореја и Кина пред меѓукорејскиот самит и средбата на Ким Јонг Ун и Доналд Трамп ќе биде од корист за решавање на проблеми на Корејскиот полуостров“, вели Бајк Те Хјун, портпарол на Министерството за обединување на двете Кореи.

Како што се очекува, Пјонгјанг ќе се консултира со Кина пред планираните самити со Јужна Кореја и САД во април и мај. Посетата на Ким во Пекинг се смета за значаен чекор во подготовките за овие состаноци на врвот.

„Ако претстојните разговори со Јужна Кореја и Америка течат добро санкциите на Северна Кореја ќе бидат ублажени и економијата ќе биде во можност да се развива. Севернокорејците дефинитивно ќе ја сфатат одлуката на Ким Јонг Ун за денуклеаризирање на полуостровот и силно ќе го поддржат“, вели Ким Хјунг Сук, поранешен јужнокорејски министер за обединување на двете Кореи.

Премиерот на Јапонија Шинзо Абе рече во парламентот дека неговата влада ја следела со голем интерес посетата на Ким на Кина, но дека нема да дојде до укинување на економските санкции на Пјонгјанг се додека не се види конкретна акција од страна на Северна Кореја.