Фото EPA-EFE-YUAN ZHENG

Кина воведе дигитални сертификати за вакцинација против ковид-19 за своите граѓани кои имаат намера да патуваат преку границата, приклучувајќи им се на другите држави кои издадоа слични документи додека бараат начини да ги отворат своите економии.

Бидејќи програмите за вакцинација се спроведуваат на глобално ниво, неколку земји, вклучително и Бахреин, веќе воведоа сертификати за вакцинирани лица, а Европската унија се согласи да подготви пасоши за вакцинирани лица под притисок на јужните земји кои зависат од туризам.

Кинеските сертификати за вакцинација ќе содржат детали за информациите за примателот на вакцината против ковид-19 и резултатите од тестот за коронавирус, објави Одделот за конзуларни работи на кинеското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница.

Министерот за надворешни работи Ванг Ји во неделата рече дека целта на потврдата е да се постигне вкрстена проверка на податоците како што се тест за нуклеинска киселина и вакцинација и да се придонесе за безбедна интеракција на луѓето.

Сè уште не е познато со кои земји Кина преговара за признавање на сертификатите за вакцинација. Кина исто така најави олеснување на карантинските ограничувања за луѓето кои пристигнуваат во Кина и кои веќе биле вакцинирани против ковид-19.

Во февруари, портпарол на кинеската здравствена комисија рече дека постојните барања за карантин треба да останат во сила за луѓето што доаѓаат во Кина, бидејќи е можно вакцинираните лица уште да се заразни. А.Р.