Нов, досега непознат вид пневмонија што е потенцијално поопасен од коронавирус, наводно годинава убил повеќе од 1.700 луѓе во Казахстан, соопшти кинеската амбасада, а пренесува „Си-Ен-Ен“.

„Одделот за јавно здравје на Казахстан и други агенции спроведуваат целосна истрага и сè уште не ја дефинираа природата на овој вид пневмонија“, велат од кинеската амбасада во Казахстан.

Оваа нова пневмонија е сè почеста од средината на јуни во Казахстан, соопшти кинеската амбасада, додавајќи дека на некои места властите известуваат за стотина нови случаи на ден.

Досега е забележано зголемување во три региони кои имаа 500 случаи и 30 критични случаи, објави кинеската амбасада, повикувајќи се на локалните медиуми. Додаваат дека од 1.772 пациенти, дел биле со кинеска националност и дека 628 лица починале само во јуни.

„Оваа болест е многу поопасна од коронавирусот“, се вели во соопштението на кинеската амбасада.

„Си-Ен-Ен“ исто така ги пренесува пишувањата на казахстанските медиуми, во кои се вели дека бројот на случаи на пневмонија во главниот град Нурсултан, до неодамна познат како Астана, е двојно поголем од минатата година.

„До 200 лица се примаат во болница секој ден. Во последните неколку дена, на 300 од нив им е дијагностицирана пневмонија. Покрај тоа, некои се лекуваат дома“, пренесува „Казинформ“.

Кинеската амбасада затоа ги предупреди Кинезите да не патуваат во тие области, за што пренесе и Ројтерс.

„Си-Ен-Ен“ додава дека не успеале самостојно да ги потврди наводите на кинеската амбасада и дека тие побарале дополнителни информации од Министерството за здравство на Казахстан, но сè уште не ги добиле. А.Р.