Десетина луѓе просечно ги посетуваат проекциите во киното „Милениум“, а слаб е интересот и во „Синеплекс“, велат киноприкажувачите во Скопје. Ова е разбирливо, зашто луѓето сѐ уште се плашат да влезат во затворен простор. Што се случува со кинодистрибуцијата и киноприкажувањето во Македонија, дејноста која беше особено погодена поради Ковид-19, е темата која беше отворена на вториот ден на филмскиот маркет CINEIndustry, во Џебното кино, каде се разговараше за проблемите и предизвицијата на дистрибуцијата. Премиерите на големите наслови од Холивуд се одложуваат и по неколку пати, а периодов европскиот филм е тој што ја одржуваше публиката колку толку кај нас.

Учесниците на дебатата: Маргарита Арсова од Младинскиот културен центар, Игор Мраков од „Синеплекс“, Јулијана Кузмановскаод дистрибутерската куќа МЦФ-МКД и Огнен Антов, продуцент, се согласија дека државата го подзаборави овој сектор и дека е ставен во ист кош со угостителската дејност. Модератор беше Сребра Ѓорѓијевска.

– Во текот на летниот период имавме многу проекции на отворено и имаше големи интерес. Фестивалот „Синедејс“ целосно го одржавме на отворено и имаше одличен интерес на проекциите во општините. Тоа нѐ охрабри дека треба да работиме во тој сегмент, иако проекциите на отворено не ни се нова активност. Скопје е сведено на две комерцијални кина и една Кинотека. Кога организираме по општините проекции – имаше одличен интерес – вели Арсова. Таа додава дека планираат и во иднина да организираат што е можно повеќе настани на отворено.

Додека во регионот киносалите беа отворени и порано, во Македонија не работеа од март до септември. Игор Мраков од маркетинг-секторот на „Синеплекс“ објаснува дека очекувале публиката да се врати многу порано во киносалите.

– Ние ги имаме сѐ уште едни од најригорозните мерки во регионот. Работиме со 30 отсто капацитет, задолжително носење маски, што дополнително ја одвраќаше публиката. Иако имаме девет сали, 30 проценти знаеме колку се. До пред затворањето на кината, работевме да ја вратиме публиката и нескромно ќе кажам дека ја донесовме младата публика. Лани ни беше рекордна година на посетеност. Но, ние сме заборавени од државата и сега се враќаме во периодот кога не функционираше дејноста. Никаква стратегија ниту конкретна поддршка не добивме, а желбата е да ја задржиме публиката. Многу ми смета реториката на институциите, кога нас не ставаат во ист кош со кафеаните, на пример. Ако се случи некој проблем таму, веднаш се носат мерки што важат за сите – вели Мраков.

Според Јулијана Кузмановска од дистрибутерската куќа МЦФ МКД која е ексклузивен застапник на холивудски филмови, но и европски хитови, вели дека европските филмови на некој начин го спасуваат периодов.

-Сите сме тесно поврзани. Дистрибутерите зависат од филмовите. Ние не можеме да функционираме ако не се снимаат и не се прикажуваат филмови. Ако нема дистрибуција, нема цела дејност. Голем проблем е што филмовите се симнуваат од интернет и ова не е само кај нас, но и регионот. Ние како дистрибутери страдаме, нема никаква забрана, а губи целата индустрија. Многу често компаниите од кои ги купуваме филмовите ни префрлаат зошто немаме добри бројки на дистрибуција, а истиот филм на пример една недела пред тоа бил достапен на интернет. Ако нема каква било помош за нас, ние сме на респираторни машини. Не смее киното да пропадне оти ќе ја изгубиме младата генерација што го сака филмот и научи да оди на кино – категорична е Кузмановска.

Огнен Антов е продуцентот на првиот семеен филм „Стела“, чија премиера се случи на „Синедејс“, а кинодистрибуцијата се реализираше откако се отворија киносалите. Премиерата неколку пати се одложуваше, заради ситуацијата.

-Нас ковидот нѐ сруши. Премиерата беше закажана за 5 март и немавме план Б. Дојде мај, јуни, но киносалите и нас како дејности како сите да нѐ заборавија дека воопшто постоиме. Во тој период, се отвораа салите во регионот, во Македонија не се случи дури до септември и буквално со најригорозни мерки. Во исто време ги имате казината или кафулињата, каде циркулира вирусот во многу помал простор, за разлика од киносалите со по 7 метри височина, модерни вентилации, хепа филтри…. Интересот за „Стела“ беше огромен, според тоа колку ни пишуваа, прашуваа. Во моментот кога стигна во кино, се покажа дека нема ниту 5 отсто физичка посетеност и сфативме колку е голем стравот. Првиот викенд бевме гледани исто како блокбастерот „Тенант“, што за мене, сепак е комплимент – вели Антов.

Тој го потенцира и прашањето за системскиот проблем со немањето култура на одење во кино од мали нозе. Тој е категоричен дека ако во наставните програми во основно образование стои дека децата треба да гледаат филм, претстава, да посетат музеј – дека тоа мора да се реализира и не да биде само по волја на наставникот.

Арсова додава дека самите градски власти мора да создадат инфраструктура и да ја поддржат кинокултурата уште во школската возраст.

Антов го посочи примерот на Романија, каде месецов беше објавена програма во вредност од 100 милиони евра за помош на културата и конкретно и за кинокултурата.

-Многу државни институции кај нас немаат идеја кои сектори и дејности придонесуваат со вкупно бруто домашниот производ. Ние не само што сме заборавани, но воопшто не сме разгледувани. Многу државни институции немаат идеја кои сектори и дејности придонесуваат со каква вредност придонесува филмскиот сектор. Културата ќе изумре со ваквиот игнорантски однос – вели Антов.

Програмата на маркетот продолжува и денеска. Во 14 часот ќе следува онлајн презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија. Преносот во живо ќе оди на afidi.org/cineindustry и на страницата CINEIndustry Film Market на „Фејсбук“.

Утре (сабота) во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. За време на пандемијата, „Синесквер“ беше домаќин и сè уште е домаќин на неколку онлајн-фестивали и онлајн-настани и филмски премиери.

На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба. CINEIndustry го реализира Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија во соработка со фестивалот „Синедејс“ и со поддршка на Министерството за култура.  А.Р.