Од нашиот специјален известувач од COP26, Наташа Доковска

На самиот крај од двонеделните преговори на COP26, во саботата вечер, тука во Глазгов, се постигна  Договор за спречување на опасното глобално затоплување. Климатскиот пакт во Глазгов е првиот климатски договор кој експлицитно планира да ја намали употребата на јаглен, најлошото фосилно гориво за ефектот на стаклена градина. Договорот, исто така, ги обврзува страните итно да ги намалат емисиите и да ги зголемат трошоците за земјите во развој – за да им помогнат да се прилагодат на климатските влијанија. Сепак, иако Климатскиот пакт во Глазгов е амбициозен обид да се воспостави контрола врз порастот на температурата, кавгата за јаглен во последните моменти фрла сенка врз договорот.

Се чини она што го ветија делегатите не е доволно за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови, колку што научниците сметаат дека е неопходно за да се избегнат опасните последици од глобалното затоплување.

Додека за претставниците на Обединетите нации и повеќето делегации договорот е пред се „голем успех“ и „чекор напред“, промените во последен момент и омекнувањето на одредени формулации во финалниот текст оставија горчлив вкус во устите на преговарачите. Незадоволни гласови доаѓаат од земјите во развој, односно оние кои се најтешко погодени од климатските промени, како и од граѓанските еколошки организации.

Клаузулата за постепено отстранување на јагленот, која беше дел од првичниот нацрт, доведе до драматичен крај на самитот, кога Индија се спротивстави на таквата формулација. Имено, индискиот министер за клима, Бупендер Јадав, праша како земјите во развој би можеле да ветат постепено укинување на субвенциите за јаглен и фосилни горива кога „тие треба да се справат со сопствениот развој и искоренување на сиромаштијата“.

Државите на крајот се согласија формулацијата да биде „постепено намалување“ наместо „постепено укинување“ на јагленот, со што дел од учесниците останаа разочарани од таквиот развој на настаните.

Швајцарската делегација изрази „длабоко разочарување“ поради промените во „нетранспарентниот процес“, додека најжестоки критики стигнаа од еколошките организации, од кои некои договорот дури го нарекоа „скандалозен“.

„Тие го сменија зборот, но не можат да го променат сигналот што доаѓа од овој Самит, а тоа е дека ерата на јаглен се ближи кон крајот“, изјави извршната директорка на Гринпис Интернешнл, Џенифер Морган.

Јагленот сочинува околу 40 отсто од емисиите на јаглерод диоксид секоја година, поради што е од клучно значење за одржување на температурата на 1,5 отсто.

На приговорот на Индија се приклучи и Кина – еден од најголемите светски производители на јаглен – и претседателот на COP26, Алок Шарма, кој ден по самитот рече дека двете земји ќе треба да ги објаснат своите позиции на земјите погодени од климатските промени. Шарма, кој по склучувањето на Договорот изјави дека му е жал како на крајот сè испаднало, сепак смета дека договорот е големо достигнување.

„Не би го опишал она што го направивме вчера како неуспешно – тоа е историско достигнување“, рече тој.

China and India cast pall over climate ambitions ahead of COP26 | Financial Times

Делегациите од земјите во развој исто така беа разочарани од ваквиот развој на настаните, но го поддржаа Договорот со претпоставка дека ќе продолжат разговорите за парите што побогатите земји ги ветија со цел сите земји да се прилагодат на климатските промени. а што исто така беше камен на сопнување за време на самитот.

Само колку за потсетување, развиените земји се обврзаа на COP15 кој во 2009 година се одржа во Копенхаген дека ќе обезбедуваат по 100 милијарди долари годишно на земјите во развој до 2020 година, но таа цел не е исполнета.

Самитот иако требаше да заврши во петок, беше продолжен за да се постигне договорот, кој конечно ја доби својата форма доцна во саботата – по интервенција на Индија во последен момент за да се омекне формулацијата на јаглен.

Што беше договорено со Договорот за климата во Глазгов?!

Од државите се бара да ги ревидираат климатските планови до крајот на следната година и да постават поамбициозни цели за намалување на емисиите до 2030 година. Исто така беше нагласена потребата богатите земји да ги зголемат парите што им ги даваат на оние кои веќе трпат загуби и штети од ефектите на климатските промени – покрај сегашните 100 милијарди долари годишно.

Сепак, договорот има и некои значајни недостатоци иако е постигнат компромис меѓу сите 197 учесници.

Постојат клаузули кои ќе им овозможат на некои земји да избегнуваат ажурирање на плановите за намалување на емисиите, во зависност од „различни внатрешни околности“.  Ова им овозможува на некои големи економии како Индија и Кина да ги искористат тие клаузули, за да не ги ажурираат своите планови следната година.

Важни земји, како што се САД и Германија, кои се големи производители на автомобили, не потпишаа иницијатива да се оддалечат од употребата на нафта и дизел мотори.

За земјите од првата линија, многу внимание сè уште е фокусирано на намалување на емисиите на јаглен, наместо на помошта што може да им се обезбеди за да се прилагодат на климатските промени.

Политичарите со најмногу пораки, но колку се реални?! 

UK launches COP 26 with no leader and no obvious strategy | DevexПремиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, рече дека се надева оти светот „ќе гледа на самитот во Глазгов како почеток на крајот на климатските промени“, ветувајќи дека „ќе продолжи да работи неуморно кон таа цел“.

„Има уште многу работа во наредните години. „Но, денешниот договор е голем чекор напред и што е најважно, за прв пат имаме меѓународен договор за намалување на употребата на јаглен и патоказ за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени“, додаде тој.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече: „Нашата планета е загрозена и виси на конец. Сè уште тропаме на вратата на климатската катастрофа. Време е да се огласи алармот – или ќе имаме нула шанси да достигнеме нула вкупни емисии.

Договорот ги обврза и државите да го исполнат ветувањето за следната година и во голема мера да ја укинат употребата на јаглен за да се постигне целта од 1,5 степени.

Доколку се исполнат досегашните ветувања, тоа ќе биде доволно за граница од само 2,4 степени. Доколку глобалната температура се зголеми за повеќе од 1,5 степени, научниците велат дека планетата ќе се соочи со големи последици и дека уште милиони луѓе ќе бидат изложени на екстремни температури.

Јагленот сочинува околу 40 отсто од емисиите на јаглерод диоксид секоја година, поради што е од клучно значење за одржување на температурата на 1,5 отсто. Таа цел е дел од Парискиот договор од 2015 година, кој го потпишаа повеќето земји – а за да се постигне тоа, потребно е до 2030 година да се намалат глобалните емисии за 45%, а до 2050 година целта е да се достигне нула.

Најжестоките критики доаѓаат од еколошките организации

Ларс Кох, директор на Action Aid International, рече дека е разочарувачки што се споменува само јагленот.

„Ова им направи услуга на богатите земји кои загадуваат повеќе од еден век да продолжат со производството на нафта и гас“, рече тој.

Сара Шо, од организацијата Пријатели на Земјата, вели дека резултатот е „ништо помалку од скандалозен“.

„Само да се каже зборот 1,5 степен е бесмислено ако договорот не содржи што може да се постигне. COP26 ќе остане запаметен како предавство на глобалните јужни земји“.

Аналитичарите не веруваат дека овој Договор ќе спречи затоплување на земјата за повеќе од 1,5 степени.  Договорот ќе помогне за заживување на меѓународната соработка, која беше загрозена од националистичките тенденции ширум светот во последните години, но и дава надеж дека порастот на температурата ќе продолжи да се движи  меѓу 1,8 и 2,5 степени во овој век.

Но, реалноста е, исто како и со рекордното производство на јаглен во Кина, дека атмосферата реагира само на емисиите, а не на одлуките донесени на COP26.

COP26 Climate Summit in Glasgow: What to Expect | Council on Foreign Relations