„Малиот Џо„ на познатата австриска режисерка Џесика Хауснер („Прекрасната Рита“, Безумна љубов“, „Лурдес“), прикажан во Специјалните проекции во Солун, донесе еден од најинтригантните филмови. Интересно е дека Хауснер, прави сосем нетипичен хорор, кој дури многумина го споредуваат со Франкенштајн, но не во смисла на филмот, туку на создавање на сопствена креација, во случајот нов вид на цвеќе, кое се заканува да го преземе идентитетот на живите суштества. Филмот е навистина многу интересно направен, од една страна, многу нежно, суптилно, навидум безопасно и толку наивно, а од друга страна, создава толку застрашувачко чувство. Тој нема вистински хорор сцени, ниту Хауснер ја развива приказната на тој начин да создаде некаков забеган свет, не, сè останува исто, само што нејзината сугестија, музиката која е доминантна, и која всушност и најмногу го содржи навестувањето, како и некои исчекувања, што одлично ги води, го создаваат тоа чувство. Тие така ја тераат публиката да исчекува, да се плаши од непознатото, да се плаши од она кое всушност и никогаш не ја минува границата, но секогаш постои заканата од тоа.

Филмот на Џесика Хауснер е навистина извонреден иако доби многу различни критики по неговото прикажување во главната програма во Кан, каде што главната актерка Емили Бичам сосем залсужено ја доби Наградата за најдобра женска улога. Во филмот игра и Бен Вишоу, кој го знаеме од филмот „Парфем“, а одлична улога има и Кери Фокс како Бела, која со години се грижи за цвеќињата и која е прва што ќе го забележи преземањето на идентитетот на нејзиното куче. Хауснер, онака како што тоа го правеше и во другите филмови, иако овде се работи за хорор и навидум за нешто што е веќе видено, сепак, успева на многу необичен начин да влезе во психата и да проговори за преиспитувањето на самите себе, за вербата и разбирањето на другите, за комуникацијата, но и за нивото на општествениот развој, во кој луѓето сакаат да веруваат во невозможното и подготвени се да жртвуваат сè за среќата, без оглед од каде таа доаѓа.
Па дури и за овој филм, кој се прикажа во доцните ноќни часови, повторно салата не беше полна. Оваа година, дефинтивно, на ниту еден филм на кој бев да го гледам со публика, салата не беше исполнета, на некои дури имаше едвај по десеттина или дваесет луѓе. Тоа по малку ме потсети на Битола, каде што Широк сокак е секогаш преполн, но салите се празни. Во Солун не било така, напротив, сме пишувале за феноменот на солунската публика. Но сега фестивалот е неверојатно паднат и иако младите луѓе се тука, сепак, не се во киносалите. Па еве, дури ни во доцните часови. Ако на пладневните проекции повеќе има повозрасни луѓе, очекувавме дека младите ќе ги има во вечерните часови, но повторно салите не се полни. Дури на унгарскиот филм „Герила“, кој беше прикажан во рамките на новата програма „Запознај ги соседите“, имаше толку малку публика, што ми беше жал за авторот, како што обично сум се чувствувала и кај нас на фестивалите. Ќе направите толку многу, ќе донесете добри филмови, ќе ги викнете авторите и ќе ја повиката публиката да остане по филмот да разговара со авторот, а салата празна. Огромна штета и неверојатно дека тоа се случува во Солун.
Но, да се вратиме на унгарскиот филм „Герила“, дебитантско остварување на младиот Ѓерѓ Мор Карпати. Неговиот филм е поместен во средината на 19 век кога унгарските бунтовници ќе се обидат да се изборат за независност против војската на Хабсбуршката монархија. Но, тие ќе ги разбијат и бунтовниците ќе се повлечат во шумата. Карпати ја раскажува приказната за двајца браќа, едниот бунтовен и борбен, а другиот е сосем поинаков, но тргнува во шумата во потрага по брат му. Добро го доловува Карпати времето и ужасот на тие егзекутирања што се случуваат во шумата, за на крајот приказната да добие друг тек, па поради ненасилноста и сочувството на братот кон нивниот заробеник, местото на кое се кријат ќе биде откриено. Прави интересни ликови Карпати и успева да проговори за некои морални и човечки вредности, но сето тоа низ еден медитативен приод, кој не е многу привлечен за публиката.
Некако се чини годинава тоа и го карактеризира фестивалот, бидејќи сè повеќе филмови се прават низ некоја фикција, низ некои соништа, некоја медитативност, некои симболични значења, кои не само што го одземаат текот на приказната, не само што го одземаат дејствието, туку и тешко е да се следат, затоа што некако се премногу интровертни и затворени самите во себе. Така е, на пример, и со бразилскиот филм „Треска“ на Маја Да-рин, чија идеја не е лоша, за таткото кој се плаши дека наеднаш ќе остане сам и кај кого наеднаш се јавува некоја нејасна треска, за која ни докторите не знаат од каде доаѓа. Но, сето тоа е направено низ некои фантазии, некои скриени стравови, некои алузии и халуцинации. Кулминација на таквиот пристап носи алжирскиот филм „Абу Леила“ на Амин Сиди-Бумедиене, кој исто така беше прикажан во Кан и кој се осврнува на ужасните настани за време на граѓанската војна во Алжир во 1990-тите години. Но, сето тоа го прави на толку тежок и надреален начин, плус филмот трае предолго, 140 минути, што навистина го прави многу тежок, но и нејасен, поради сите несвесни состојби во кои се случуваат масакрите, поради таква една клаустрофобичност, па дури и кога настаните се случуваат во пустината. Целиот филм е филозофски и медитативен и не дека сето тоа не е интересно, но навистина не е гледливо. А филмот беше прикажан повторно во речиси празна сала, односно во новата сала „Македоникон“ која се наоѓа спроти Белата кула.
Годинава факт е дека има многу новини и организаторите се потрудиле да направат работи со кои ќе ја одбележат јубилејната година, но во падот кој трае веќе неколку години, сето ова не промени многу. А навистина е интересно да се гледа проектирањето кое во вечерните часови оди на ѕидовите на зданијата на пристаништето, како еден вид промотивни видеа за годинешниот фестивал. Сето тоа дава убава атмосфера, музика, прослава, но и можеби укажува дека, сепак, по толку години треба да се знае кога и како нешто треба да се менува.