На овие локални избори во скопската општина Чучер Сандево за градоначалници ќе истрчаат неколку кандидати, меѓу кои и Сашко Комненовиќ, дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност, а кандидат на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ.

Во разговор за ТЕКСТ.МК. Комненовиќ говори за кандидатурата, заложбите и визијата за идниот развој на општината.

Што ве мотивира да се кандидирате за градоначалник?

Комненовиќ: Јас пред да се впуштам во процесот на кандидирање за градоначалник, бев прв полицаец на три општини. И оттаму, имав можност од прва рака да бидам запознаен со проблемите од безбедносен карактер, со кои се соочува локалното население. Дотолку повеќе што во дел од нив и јас како тогашен прв полицаец, директно бев инволвиран во решавање на истите. Понесен од директната комуникација со народот, на кои директно им ја препишувам вината, ако така може да кажам, одлучив да се кандидирам за градоначалник на Чучер Сандево.

Потребата да седнам на заедничка маса со останатите чинители од локалната власт, создаде потреба темелно да го проучам законот за локална самоуправа, а и со самото проучување на истиот, да се стекнам со подобра слика за проблемите и недостасоците со кои се соочува општината. Притоа како човек кој има визија за подобро утре, произлезе идејата да се кандидирам за градоначалник. Не секогаш, тие решенија не беа целосни или поволни, но познавајќи се себеси дека умеам и можам да работам во тим, а секој оној кој е навикнат на тимска работа, има способност да создаде тим кој има способност да донесе решенија за подобрување на  целокпната економска и општествена слика на општината.

Во повеќе наврати, од локалната власт, на трите општини во кои како прв полицаец бев  активно вклучен, бев доведен во ситуација одговор или решението на одреден безденосен проблем да го донесам токму јас, каде не секогаш имав доволно време, мораше брзо да се размислува, мораше брзо да се носат одлуки за вклучување на одредени авторитети, а притоа потсвесно знаев дека немаше место за никаква грешка.

Така да, мојата директна комуникација со граѓаните и директното присуство на терен, притоа воочувајќи и соочувајќи се со проблемите кои се секојдневие во Чучер Сандево, одлучив да се кандидирам за градоначалник.

Зошто треба да ви се даде глас, односно како ја гледате општината по 4 години?

Комненовиќ: Години наназад сум имал прилика или задача да бидам човек кој што дирекнтно е инволвиран во носење одлуки за непречено функционирање на институцијата која што ја водев. Резултатите од мојата претходна работа ми даваат за право слободно да кажам дека умеам правилно и правично да менаџирам, умеам да сослушам, умеам да разговарам, ги познавам сопствените капацитети, а воедно знам да прифатам или признаам критика, совет или сугестија. Никогаш до сега, барем од кажувањето на моите досегашни сорабортници немам покажано его при работењето, иако бев тој кој што ги носеше одлуките. Оттаму, сметам дека тоа мое претходно искуство и практика можам да го пренесам и во водење на локалната власт, се со цел заедно да создадеме  подобри општествено економски услови за сите нас.

Заедно со мојот тим креиравме програма, која народски кажано ги опфаќа граѓаните од 1 година до 101 година. Сите проекти што ги имаме предвидено се реални и остварливи, проекти кои пред се фокусирани на младите, кои ќе допринесат младите да останат во нашиот крај кој е благословен со убавина, а за жал наназад игнориран со години и дотолку повекеќе свесно уништуван.

Колку сте задоволни од досегашното управување со општината и кој е одговорен за таквата ситуација?

Комненовиќ: Самиот факт што сум кандидат за градоначалник говори фактот дека јас како Сашко Комненовиќ не сум задоволен од досегашното управување на и резултатите од истото. Вината директно ја гледам во моменталната локална власт.
Нема да говорам навивачки, затоашто изборниот процес не го сфаќам како спортски натпревар, сепак ова е пред се културен натпревар, во кој се мерат идеи, планирања, и визија за остварување на истите.

Како ќе ја подобрите работата на локалната самоуправа, што ќе им понудите на сограѓаните?

Комненовиќ: Идејата за моја кандидатура за градоначалник не е од скоро произлезена, напротив неколку години наназад заедно со мојот тим разговаравме на долго и широко за проблемите кои се соочува нашата општина и што ние би можеле да понудиме како решение на истите. Па оттаму произлезе идејата да имаме сеопфатна општествено-економска програма која нема да се базира исклучиво на прекопување на улици. Напротив, ние сакаме, а воедно нудиме решение Чучер Сандево да биде модерна рурална општина.
Токму затоа, заедно со мојот тим дојдовме на идеја нашата прогама да се подели на два дела. Едниот дел да е за општествено-економско издигање на општината, а другиот дел за конкретно решавање на комуналните проблеми за секое населено место засебно.
Во делот за општествено – економски развој имаме предвидено враќање на ингеренциите врз Индустриската зона Визбегово и интензивна соработка со стопанствениците од истата, промоција на еко туризмот, формирање на земјоделска задруга и ставање на општинските административни капацитети на располагање на земјоделците, комплетна реформа на Јавното комуналтно претпријатие, формирање на одделение при општината за општествено – економски развој, одеелние чија задача ќе биде интензивна комуникација со релевантини институции за рурален развој дома и во странство (поразително е за 24 години колку што постои Чучер –Сандево, да има само 2 или 3 проекта реализирани на ваков начин), понатаму предвидовме модерни и осветлени автобуски постојки, промоција и подршка на традиционални турнири во различни спортски игри, зајакнување на правниот статус на месните заедници во општината.
Според позитивните правни регулативи, градоначалникот е клучна фигура во образовниот процес, оттаму во нашата програма, пред се, предвидовме интензивна и задолжителна комуникација со директорите на основните училиша, а се со цел на подобрување на процесот на одвивање на наставата. Понатаму, во рамки на образованието предвидуваме грижа за децата со посебни потреби и децата со потешкотии т.е со послаби когнитивни способности. Во соработка со релевантни организации, ќе го актуелизираме прашањето на осиромашена менструација, која за жал е сеуште табу тема кај нас.

Особено сум горд на фактот дека заедно со мојот тим донесовме сет мерки за помош на младите. Предвидовме додатна еднокртана помош за секое бебе, притоа засадувајќи дрво за секое ново роденче. Понатаму, младите претприемачи до 30 години во нашата општина ќе бидат ослободени од плаќање на општинската такса(фирмарина). Младите брачни парови до 30 години кои ќе започнат изградба на сопствен дом, целосно ќе бидат ослободени од сите комунални давачки кон општината и комуналните такси.
Од конкретните решенија за засебните населени места би ги издвоил, комплетно завршување на канализационата мрежа во село Побожје со изградба на прочестителна станица. Незнам дали знаете, село Побожје има канализациона мрежа и тој отпад оди во река, што е недозволиво. Понатаму, комплетно асфлатитрање на целокупната патна инфраструктура во општината. Уредување на  школскиот двор во село Кучевиште и детално реновирање на постоечкото училиште. Поврзување со електрична енергија на село Кучевиште со местото викано Кучевачка бара, уредување и изградба на нови паркови со клупи и летниковци, изградба на нова зграда во село Мирковци кој ќе биде ставен во функција на локалната месна заедница. Проширување на мостот во село Бразда, пробивање на нов пат во село Бањани и секако многу други проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во нашата општина.

Што ќе направите во врска со невработеноста во Општинатадали имате конкретен план за инвестиции и нови работни места, особено ако имаме предвид дека младите се повеќе се иселуваат поради невработеност?

Комненовиќ: За голема жал ова е горко прашање за секоја власт, дали е локална или централна. Во своето 24 годишно постоење општина Чучер Сандево, нема превземено ниту една, повторувам, ниту една конкретна мерка посветена на ова прашање, освен вработување на партиски активисти. Во минатото, важевме за крај во кој универзитетското образование беше безмалку непознат поим. Но, сега тоа е драстично подобрено.
Се повеќе млади луѓе се универзитетски образовани кои притоа активно говорат најмалку еден светски јазик. Поаѓајки оттаму, со причина предвидовме засебно одделение при општината каде токму оваа група на граѓани пред се ќе имаат можност практично да го применат своето знаење, а се со цел подигање на општествено –економската состојба на општината. Понатаму, предвидовме мерка за подршка на младите претпиемачи до 30 години преку одредени финансиски растеретувања.
Мојата визија за Чучер Сандево е да биде рудник на експерти во сите можни области. без разлика дали се тоа занаетчиски експерти, градежни, транспортни или интелектуални. Сакам моите сограѓани да бидат горди дека потекнуваат од овој крај, притоа поседувајќи квалитети кои не заостануваат со однос на другите.

Зошто повеќе жени (не) се застапени во политиката на вашата општина?

Комненовиќ: По однос на ова прашање, според информациите со кои располагам јас и мојот тим, застапеноста на жените во политиката на нашата општина е подеднаква како и мажите. Говерејќи во свое име, носителот на мојата е листа, односно на листата на коалицијата на Најдоброто за мојата оптина предводена од СДСМ, е млада и перспеткивна девојка, која рамо до рамо со мене лавовски се бори во овој предизборен период.

Како да привлечете инвеститори да инвестираат во вашата општинаВо општината има индустриска зона, има ли доволни инвестиции?

Комненовиќ: Видете, за да привлечете некого до вас, прво мора да сакате да го направите тоа. Иако немав намера тука да го споменувам, сепак неможеме да го игнорираме фактот дека благодарение на моменталната локална власт во заминување, ќе си земам за право да го наречам, шерифот Јован Пејковски, општина Чучер Сандево ги има изгубено ингиренциите врз индустриската зона Визбегово. Тоа е недозволиво.

Затоа, ние си ставивме цел пред себе за експресно враќање на тие ингеренции. Дотолку повеќе што предвидовме интензивна комуникација и соработка со Здружението на стопанственици од оваа индустриска зона.

Во соработка со тоа Здружение ветуваме соработка за воспоставуавње на систем на платена пракса во кој нашите средношколци ќе имаат можност да се стекнуваат со практично знаење од областа во која се школуваат, притоа да бидат соодветно платени и на крајот да добијат соодветно вработување. Тоа ќе допринесе во реализирање на визијата што претходно ви ја напоменав – Чучер Сандево да биде рудник на експерти.

Вашата општина е во непосердна близина на градот Скопје…Има неприкосновена природа, убав манастир…гледате ли можност за развој на туризмот, со акцент на спортскиот туризам кој некакко како да се изгуби од мапата на многу општини?

Комненовиќ: Општината Чучер – Сандево е лоцирана на падините на Скопска Црна Гора и оттаму можностите за развивањен на туризмот, еко туризмот, стортскиот туризам и слично е огромен. Но, за голема жал досега за вакви теми воопштно не беше разговарано. Игнорирана тема до максимум, а резултатите од тоа игрнорирање ги гледаме на терен. Затоа, јас со мојот тим предвидовме интензивна соработка со планинарските и ловечките друштва во насока на подобрување на условите за практикување на разни активности во областа на еко туризмот и спортскиот лов. Исто така, оддеелениот за општествено – економски развој кој претходно го напоменав, ќе има задача да остварува комуникација во релевантни институции дома и во странство во промоција и развој на туризмот во Чучер Сандево, ставајќи ја нашата општина  на мапата потенцијални туристичи дестинации.

Колку ќе биде транспарентна и јавна вашата работа?

Комненовиќ: Го очекував ова прашање. Ќе го напоменам фактот дека во овој момент општина Чучер Сандево важи за една од најнетранспарентните општини во нашата држава. Верувајте ми полошо од тоа неможе, се шегувам.
Да се вратиме на прашањето. Праксата од мојата претходна работа беше таква да јас на крајот на денот треба да изготвам извештај за сработеното. Оттам,  ветувам дека таа моја пракса, ќе ја применам и како градоначалник. Заедно со мојот тим си ставивме цел општина Чучер Сандево да биде една од најтранспарентните општини во нашата држава и таа цел со сигурност ќе биде постигната.

Пристапот до вода и санитација е исто така едно од горките прашања во вашата општина, како би го решиле тоа?

Комненовиќ: Пристапот до вода во нашата држава е уставно загарантирана категорија. Поаѓајки оттаму, пристапот до вода е прашање за кое нема компромиси. Веќе години наназад, во летниот период се соочуваме со недостаток на вода. Моменталната локална власт во заминување, изгради нов водовод, конкретно во село Кучевиште  и село Побожје, кое претходно имаше сопствен извор, но од лукративни побуди актуелниот градоначалник во заминување прекопа планина за село Побожје кое се снабдува со вода од изворот на село Кучевиште. Резултатот од тој нов водовод, е немање вода во најтоплите денови во годината. Иако лично градоначаникот вети дека недостаток на вода нема да има, сепак фактичката состојба  го покажува спротивното.

Јас, заедно со мојот тим подготвивме низа мерки кои овој проблем перманентно ќе го решат. Имено, на жителите на село Побожје ќе им биде ставен, односо вратен во функција нивниот извор на вода кој важи за еден од изворите со најквалитетна вода за пиење во Скопје. За враќање во функција на тие извори потребно е набавка на нови пумпи за вода, чие снабување со електрична енергија ќе биде обезбедено  преку модерни сончеви колектори за електрична енергија. Со овој зафат, изворот со кој се снабдува село Кучевиште ќе биде растеретен и никогаш повеќе нема да има проблем со недостаток на вода.

„Социјална вода“ е исто така една категорија за помош на граѓаните во ризик кои не можат да ја платат. Дали општината нуди и такви решенија?

Комненовиќ: Дефинитивно горко прашање. Информациите со кои ние располагаме се дека категоријата „социјлана вода“ во нашата општина не постои. Иако за жал постојат семејства чии материјален статус не дозволува достоинствен пристап вода, што е загарантирано уставно право, ние предвидовме таква категорија каде оние семејства  чиј материјален статус не овозможува нормално подмирување на месечниот издаток за користена вода, да понудиме неколку дена општествено корисна работа преку Јавното Комунално претпријатие како компензација за пристапот до вода. Едноставно сакаме да се воспостави еден фер однос и грижа кон сите категории на граѓани на територијата на нашата општина.

Во рамки на остварување на Целите за одржлив развој е и прашањето за искоренување на менструалната сиромаштија меѓу ученичките. Дали вашата општина би овозможила  секое девојче да добие бесплатен пакет менструални производи?

Комненовиќ: За жал ова прашање е се уште табу тема во нашата општина. Но, тоа не значи дека ние не треба да преземаме одредени активности за подигање на свеста околу прашањето на менструалната сиромаштија. Веќе имаме интензивна соработка со одредени невладини организации со кои соработувавме и со сигурност можам да ви соопштам дека доколку јас бидам избрам за градоначалник, заедно со мојот тим, овој проект ќе биде реализирам во првите неколку месеци.

За крај, каде се гледате за 4 години?

Комненовиќ: Не сакам нескормно да звучам, но за 4 години се гледам како еден од најуспешните градоначалници во нашата држава. Градоначалник кој  го има подобрено квалитетот на  целокупниот општествено – економски животот во Чучер  Сандево. А на крај, како жител на модерна и проспреритетна општина, кој ќе ве покани да бидете наш гостин тука во Чучер Сандево, и секако да направиме ново интервју во еден од многуте паркови кои со сигурност ќе ги направиме.

А. Накова