Во препораката усвоена денеска од Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, за време на 41-та сесија, се вели дека во Северна Македонија е забележана политичка посветеност на децентрализацијата, но потребна е поголема јасност во законот и практиката за понатамошно подобрување на реформата за децентрализација во земјата
Коизвестителите Харалд Бергман (Холандија) и Зденек Броз (Република Чешка) го поздравија силниот акцент на владата на процесот на децентрализација, како што беше потврдено со усвојувањето на новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година. Зденек Броз со задоволство истакна и дека од претходната препорака во 2012 година е потпишан и ратификуван Дополнителниот протокол на Европската повелба за локална самоуправа.
„Сепак, постои постојан недостаток на јасност во законот и во практиката во врска со поделбата на надлежностите, што доведува до нивно преклопување“, истакна Харалд Бергман. Тој, исто така, истакна дека на локалните власти им требаат соодветни финансиски средства за извршување на нивните задачи, бидејќи општините и понатаму се многу зависни од трансферите на централната власт. Освен тоа, постои општа потреба да се зголеми усогласеноста со обврските за интегритет при локалните назначувања, заклучија коизвестителите.
Во својата препорака, Конгресот ги повикува властите во земјата да ги решат постоечките проблеми и дополнително да ги пренесат овластувањата на локалната самоуправа. За таа цел, неопходно е соодветно финансирање, вели Конгресот, повикувајќи ја владата на Северна Македонија да го зголеми сопствениот удел на општините во приходите на локалниот буџет.
Националните власти, исто така, се охрабруваат да ја подобрат дигитализацијата, дополнително да ги консолидираат антикорупциските мерки и да спроведат програми за градење капацитети на локално ниво.

Подготви: Н.Доковска