Македонија доби безусловна поддршка за започнување на преговорите со ЕУ.

Откако денеска на својот официјален твитер профил еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји објави: „Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Македонија. Им честитам на двете земји“, премиерот Оливер Спасовски, со министрите Османи и Димитров одржаа прес конференција на која ја објавија одлуката Комисијата.

„Стигна верификацијата за успехот на нашите напори. За истрајноста на нашите институции да ги спроведат реформите кои ги поставивме како цел уште во 2017 година. Дополнително, Владата по барања на Европскиот совет почна да ги спроведува реформите во четирите поглавја – судство и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против криминалот и корупцијата. Постигнавме резултати и тоа беше верификувано од ЕУ. Од денеска тоа го верификуваа едногласно и државите – членки на Унијата. Денешниот резултат е за тешките политички одлуки, за решавање на споровите со Грција и Бугарија. Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство немаше да биде постигнат овој успех. Можеме да бидеме горди зашто чекањето заврши. Успешните реформи ја кренаа бариерата, патот е само напред“, рече Спасовски.

На крај од своето обраќање, премиерот Спасовски рече:

„Честитки на сите и да ги завршиме преговорите успешно и што е можно побрзо!“

Минситерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи рече успеавме затоа што заслуживме.

„Денешната одлука на земјите членки да ѝ дадат зелено светло на Република Северна Македонија за почеток на преговорите не претставува никаков подарок, ниту чиста политичка одлука. Напротив, оваа одлука е признание за суштинскиот напредок на земјата“, рече Османи.

Како што кажа Османи, Европската комисија веќе има целосно одврзани раце да почне да ја формира таканаречената преговарачка рамка за земјава по што ќе се организира и првата меѓувладина седница што ќе претставува и официјален старт на преговорите.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и се заблагодари на Унијата која што и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, најде време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното.„Отсега па натаму, ние ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето. Од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега, но отсега па натаму уште повеќе од нас самите зависи. Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите со Европската Унија, Советот недвосмислено потврди дека земјава остварила опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите“, рече Никола Димитров.

На својот фејсбук профил, претседателот на СДСМ, Зоран Заев напиша:

„Донесена е одлука! Северна Македонија почнува преговори за членство во Европската Унија. Историска одлука во овие тешки времиња за нашиот народ. Нема веќе никакви пречки ниту услови. Европската Комисија треба да ги спроведе подготовките, а првата меѓувладина конференција ќе се одржи најбрзо што може.

Честитки граѓани, како што успеавме да се кренеме на патот до НАТО и ЕУ, така заедно ќе се справиме и со заразата која го напаѓа светот!“

Н.С.