Со концертот насловен „Зорнина“ на 6 октомври се отвора новата концертна сезона на Филхармонија насловена „Дамар на слободата“.

-Секоја концертна сезона има ново име, оваа музичка сезона ја насловивме „Дамар на слободата“, а инспирација ни беше последниот концерт во претходната сезона кој беше насловен „Слобода“. Насловот произлезе од слободата која ја донесе своевидното излегување од пандемијата, но и како слобода во музиката, изразот, живеењето. Во новата сезона ќе не води дамарот, односно „пулсот“ на слободата. Насловите на концертите се инспирирани од архаични зборови во македонскиот јазик, со што сакаме да дадеме акцент на некои заборавени зборови од богатата ризница на нашиот јазик – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонијата.

На концертот на отворањето на сезоната како солисти ќе настапат врвните пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења, а диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд. На програмата се дела од генијалниот Волгфанг Амадеус Моцарт – три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“.

-За првпат во една концертна вечер ќе бидат изведени три концерти за пијано од Моцарт, што претставува своевиден куриозитет на овој концерт – вели Иванова.

Со концертот насловен „Далга“ кој ќе биде изведен и во Скопје на 12 октомври, оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Диригент на овој концерт е маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи Рафаел Агире на гитара од Шпанија. На програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

-Гостувањето во Белград е од исклучително значење за нашата институција, историски настан за нас – вели Иванова.

До крајот на сезоната публиката ќе има можност да проследи низа интересни концерти со возбудливи солисти и диригенти и да чуе деликатно избрана програма. До крајот на годината со оркестарот на Филхармонија ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски солисти – виолнистите Владимир Костов и Даниел Лазаревски, чембалистката Цветанка Созовска, тенорот Благој Нацоски…

Насловите на концертите во сезоната „Дамар на слободата“ се извлечени од богатата ризница на архаизми во македонскиот јазик – „Вида“, „Азно“, „Меѓа“, „Далга“…

Во рамки на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“ како и концертот „Омаж за маестро Александар Џамбазов“ кој ќе се реализира во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонската музика“.

Филхармонија за првпат по подолго време ќе соработува  и со НОБ, со чии ансамбли заедно ќе го изведат Вердиевиот „Реквием“ на „Мајските оперски вечери“ како и музиката на Збињев Прајснер од филмот „Три бои сино“ на режисерот Кшиштоф Кишловски.

Промоција на албумот „Филхармонија во срцето“

rpt

На отворањето на новата концертна сезона „Дамар на слободата“ ќе биде промовирано и новото це-де „Филхармонија во срцето“ кое го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонија на РСМ.

-Исклучително сум среќна што токму овој концерт се најде на це-дето, бидејќи станува збор за изведба во живо – вели Дијана Имери Илкоска, диригентката која во водеше концертот „Филхармонија во срцето“.

Албумот е снимка од истоимениот концерт на Камерниот оркестар на Филхармонија кој го водеше диригентката Дијана Имери Илкоска, а како солисти настапија Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). На албумот може да се слушне изведбата на дела од Антон Аренски, Антонин Дворжак и од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Проекција на филмот „Амадеус“ во Кинотека

Во соработка со Кинотеката на Р.С. Македонија, во среда, на 5 октомври со почеток во 20 часот ќе се прикаже антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман – филмот „Амадеус“ биопик, посветен на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт. Проекцијата на филмот ќе биде своевидна увертира, пред концертот на 6 октомври на кој оркестарот на Филхармонија и пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења ќе изведат четири дела од богатиот музички опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

 -Успеавме да ги обезбедиме правата за прикажување на филмот, откако го исконтактиравме синот на продуцентот на филмот „Амадеус“. Парите со кои требаше да ги платиме парите за прикажување, на барање на продуцентската куќа ќе ги донираме во хуманитарни цели – вели Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Р.С.Македонија.

Филмот „Амадеус“ е снимен во 1984 година, а сценарист е Питер Шефер. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава на Шефер, во која акцентот е ставен на наводното соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија, во втората половина на XVIII век.

„Амадеус“ беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум „оскари“ (вклучувајќи и „оскар“ за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една од Режисерското здружение на Америка.

Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше филмот на 53-тото место на листата „100 години… 100 филмови“.

Освен проекцијата на „Амадеус“, Кинотеката во соработка со Филхармонија ќе прикаже уште четири филмови „Малер“ на Кен Расел, „Проба на оркестарот“ на Фредерико Фелини и немиот филм „Сатанска рапсодија“ од 1917 година за кој музиката ја напиша Пјетро Маскањи.