Концерт на учесниците на меѓународниот музички мајсторски курс под раководство на пијанистката Тамила Гулијева и виолинистот Емилио Перцан ќе се одржи денеска од 17 часот во црквата „Света Софија“ во рамките на „Охридско лето“.

Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија да продолжи да се одржува во Охрид. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји.

На семинарите, исто така редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари који доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.