четврток, април 25, 2024
домаЖивотСценаКонцерт на Мухамед Ибрахими во Филхармонија

Концерт на Мухамед Ибрахими во Филхармонија

Во понеделник, на 27 февруари, во малата сала на Филхармонија, врвниот гитарист Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт. Концертот е во организација на Баги Комуникации.

Мухамед Ибрахими е гитарист кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него.
Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност.
Ваквите негови храбри и елегантни комбинации даваат прекрасен звучен пејзаж и импресивна музика која пренесува универзални чувства.

Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.

-На концертот во Филхармонија публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои ќе бидат првпат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти, изјави Ибрахими.

Мухамед Ибрахими не е ново име на македонската музичка сцена. Го паметиме како гитарист на групата БЛА БЛА БЛА, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година.

-Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава не очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти – велат од Баги Комуникации.

Инаку концертот ќе започне во 20 часот а влезници можат да се набават преку платформата www.bileti.mk

RELATED ARTICLES

Most Popular