Концерт на отворено на Бајага и Инструктори за 35-годишниот јубилеј, најавува Авалон продукција за септември во Скопје.

-Неделата во која во Скопје треба да бидат Електрични Оргазам на 11-ти септември, потоа фестивалот SKOPJE CALLING (со Vini Vici, Mahmut Orhan, Djaikovski, Maurice West и Cyrillic) на 12-ти септември, ќе се заокружи со славенички концерт на Бајага и Инструктори на најубавата локација во градот, стадионот на АРМ – соопштуваат од Авалон.

Како што додаваат, на капацитет од 15.000 посетители, ќе бидат пуштени само 4.000 карти во продажба за концертот на којшто Бајага и Инструктори ќе ги свират сите свои хитови од супербогатата 35 годишна кариера, придружувани од хор и оркестар, а под диригентската палка на легедарниот диригент Војкан Борисављевиќ.

Влезниците во ограничен број ќе бидат пуштени во продажба во понеделник во 9 часот онлајн на avalon.mk, Avalon Music & Ticket Store и продажните места во мрежата на Авалон низ Македонија, по следниве цени и категории: ПАРТЕР – 700 денари, ФАН ПИТ – 1000 денари (само 500 влезници во продажба).

Концертот на Бајага и Инструктори ќе трае три часа, а за гостите коишто ќе ја отворат вечерта и ќе настапат како предгрупа, Авалон дополнително ќе извести.

Носењето на заштитни маски ќе биде задолжително за сите, без исклучок, согласно препораките и протоколите за одржување на јавни настани кои се одобрени од Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести за превенција од Ковид 19, соопшти организаторот. А.Р.