Повеќе од 100 светски музички ѕвезди, вклучувајќи ги „Ролинг Стоунс“, Пол Макартни, Лејди Гага, „Килерс“, Стиви Вондер, Селин Дион, Андреа Бочели, Џенифер Лопез и Били Ајлиш, одржаа виртуелен концерт „Еден свет – Заедно дома“ во знак на поддршка на здравствените работници, во времето на пандемија со коронавирусот.

Овој уникатен настан, организиран од движењето „Глобален граѓанин“ и Светската здравствена организација, започна со снимки од луѓе кои од нивните домови им аплаудираат на здравствените работници низ целиот свет, а траеше осум часа.

Приходите собрани за време на концертот се наменети за Фондот за солидарно делување против КОВИД-19 на Светската здравствена организација, но Лејди Гага јасно стави до знаење дека шоуто не е тв-настан за прибирање финансиски средства и дека неговиот фокус е на забавата и пораките за солидарност.

Лејди Гага, една од организаторите на овој концерт , рече дека настанот е „писмо на љубов кон светот“.

Посветувајќи го шоуто на здравствените работници и на сите што се наоѓаат во првите редови, Лејди Гага изјави дека музичарите сакале на овој начин „малку да возвратат за љубезноста што ни ја дадовте “, пренесува „Би-Би-Си“.

„Сакаме да преминеме на другата страна од оваа пандемија и знаеме дека сакате и вие“, рече пејачката, која изведе верзија од песната на Чарли Чаплин „Smile“ (Насмевка).

Во програмата се вклучија и Пол Макартни, поранешен член на „Битлси“, кој рече дека здравствените работници се „вистинските херои“ на оваа криза и се потсети на неговата мајка Мери, која била медицинска сестра за време на Втората светска војна.

И покрај тоа што се наоѓаа на четири различни локации, „Ролинг Стоунс“за време на концертот успеаја да изведат една од најпознатите песни „You Can’t Always Get What You Want” (Не можеш секогаш да го добиеш тоа што сакаш).

Нијал Хоран, член на групата „Уан дирекшан“, ја изведе песната „Black and white“ (Црно и бело), со акустична гитара, од неговата дневна соба,а неговиот поранешен колега од бендот Лиам Пејн песната „Midnight“ (Полноќ).

Брендон Флауерс и Роналд Ванучи, членови на групата „Килерс“, изведоа една од најпопуларните нивни песни „Mr. Brightside“, додека Били Ајлиш настапи со песната на Боби Хеб „Sunny“.

Џон Леџенд и Сем Смит ја изведоа „Stand by me“ на Бен Е. Кинг, а настапија и Адам Ламберт, Рита Ора и Тејлор Свифт.

Џенифер Лопез, Кит Урбан, Бурна Бој, Луис Фонси, Хозиер и Стиви Вондер ја изведоа песната на Бил Витерс „Lean on Me“.

Ени Ленокс, шкотската музичарка, се чини дека го искористи настанот за да ја коментира изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го повлече финансирањето на Светската здравствена организација, иако тој не го спомна експлицитно.

„Во овој историски момент без преседан, ние имаме колективна одговорност да обезбедиме глобалните здравствени системи да бидат доволно силни за да ги идентификуваат и да ги спречат идните пандемии, пред да се случат повторно“, рече таа.

Концертот заврши со верзија на песната „The Prayer“, во изведба на Селин Дион, Лејди Гага, Андреа Бочели и Џон Леџенд.

Концертот беше поделен на два дела, од кои првиот шестчасовен се пренесуваше преку Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Јутјуб, по што следуваше голем двочасовен концерт емитуван од трите најголеми американски телевизиски мрежи.

Американските комичари и водители Стивен Колберт, Џими Кимел и Џими Фалон беа домаќини на шоуто. А.Р.