Музичката сензација на новата генерација, вонсериски талентираниот и наградуван британски кантавтор Том Одел кој во моментов е на светска турнеја на која го промовира својот трет студиски албум „Jubilee road“, ќе го видиме за прв пат во живо и во Скопје, оваа среда во МКЦ, најави „Авалон продукција“.

Том Одел вниманието на јавноста го сврте уште со неговиот прв албум „Long Way Down“ во 2013 година. Лили Ален го спореди со Дејвид Боуви, додека Тејлор Свифт изјави дека е негов голем фан. Следната, 2014 година година Том Одел добива и награди за авторско достигнување, меѓу кои и BRIT, Critic Choice, но сепак најголемата награда за неговата работа стигнува од публиката- повеќе од успешни настапи на некои од најголемите светски фестивали: Glastonbury, Coachella, T In The Park, Sziget, Exit, како и распродадени шоуа ширум светот, што се потврда дека и со сите негови песни успева да допре до публиката и дека е на вистинскиот пат да стане голема музичка ѕвезда!

Промоцијата на третиот албум „Jubilee road“ кој излезе во октомври минатата година, ја почна со објавување на синглот „If you wanna love somebody“, а потоа следеше и со видеозапис за истиот, а на одлична реакција наиде и песната „Half as good as you“, која ја сними со својата долгогодишна пријателка и соработничка, популарната Алис Мертон.

Неодамна објави и уште еден видео спот, со кој публиката ја запозна со новиот албум „Jubilee road“. Станува збор за песната „You are gonna break my heart tonight“.

По распродадените концерти во Северна Америка и Канада, Том Одел се врати во Европа, каде прва станица му беше Глазгов, а потоа следеа два распродадени концерти во Белфаст и Даблин. Во почетокот на ноември минатата година, после вкупно 12 конецрти во Англија, турнејата се пресели во Германија и во останатите земји низ Европа, како Франција, Полска, Чешка, Белгија, Литванија, Латвија, Финска, Русија, Украина, Словенија, Хрватска, Србија, Унгарија, Бугарија, Романија, Македонија и Турција.

Скопскиот концерт на Том Одел ќе го отвори Том Спеит, а билетите сеуште можат да се набават исклучиво преку продажната мрежа на Авалон низ Македонија и онлајн на www.avalon.mk.