Македонија стана земја на филмски фестивали. Не можеме да знаеме точно колку се, бидејќи имаме едно чудо фестивали кои траат по 3 или 4 дена, кои носат филмови колку да се каже дека ги има, носат по еден или двајца гости од регионот, одржуваат некаква работилница, за да го оправдаат статусот на фестивал, а имаат и жири и награди. Имаме фестивали за се и сешто, имаме Филозофски фестивал, Еко фестивал, „Богородичен покров“, потоа „Дримон“, па „Дрим шорт“ во Струга, фестивал на кратки филмови во Прилеп, во Струмица, па има фестивал во Тетово, па тука се „Мобил фестивал“, „Џифони“, „Анимакс“, „Киненова“, а сега и „Синематик“, фестивал посветен на монтажери, кој се одржува по втор пат??
Неверојатна е оваа ситуација, во толку мала земја како нашата толку многу фестивали кои можат да се бројат по глава на жител. Речиси, сите ја имаат поддршката на Агенцијата за филм и се одржуваат по неколку дена. И тоа што е најинтересно, сите се меѓународни. А што подразбираат под меѓународни, а особено што подразбираат под одржување фестивал и која е неговата цел, и тоа е доста дискутабилно. Но, овде нема да зборуваме за тоа што значи филмски фестивал, туку за тоа што овие фестивали и носат на Македонија. Голем дел од нив воопшто не се ни поврзани со филмските работници во Македонија, ниту пак се трудат да ја претстават македонската кинематографија и да придонесат кон нејзиниот развој. Што, секако, е и основна цел на фестивалот.
Но, Агенцијата за филм, која ја водеа Башески и Ѓорѓоска-Илиевска, даваше пари без никаква стратегија и дојдовме до некаква навистина чудна хиперпродукција на фестивали кои се одржуваат сами за себе, важно да се добијат финансиските средства. А врвот на сето тоа, секако, е „Синематик“, фестивал посветен на монтажери, со иста програма како „Браќа Манаки“, кого го организира Асоцијација на филмски професионалци (за разлика од ДФРМ), бидејќи веќе е познато дека филмските работници во Македонија се поделени. Се надеваме тоа нема да значи и фестивал на на сценаристи, на сценографи, на костимографи итн. И не е најжално што филмската фела е поделена, и не е најстрашно што сето ова го поддржуваше Агенцијата за филм, туку страшно е што во Македонија нема ниту еден филмски фестивал кој навистина се грижи за македонскиот филм и кој направил платформа за негова презентација и развој токму преку еден релевантен фестивал. И сега не е проблемот во тоа колку пари ќе добие Агенцијата за филм, туку дали ќе сфати дека, за разлика од порано, треба да работи во интерес на македонскиот филм генерално.