Епидемијата на корона вирусот е во ек на Балканот, а денешните биланси ги загрижуваат и граѓаните и експертите. Во изминатите 24 часа, соборени се црни рекорди во многу земји околу нас. Во Унгарија од вчера починаа 70 лица, Хрватска забележа 32 смртни случаи, Словенија 25 …

Во изминатиот ден Бугарија забележа 19 смртни случаи и 1.225 нови инфекции. За Романија сè уште не се пристигнати последните податоци, но донесена е одлука училиштата во Букурешт да бидат затворени во следните две недели, поради зголемениот број на пациенти во главниот град.

Бројот на заразени во Словенија е 557, а во Хрватска 1.165, додека Унгарија брои дури 3.581 нов случај на инфекција. Загрижува и фактот дека во Унгарија има повеќе од 60.000 активни случаи. Скоро 4.500 лица биле хоспитализирани, од кои 313 биле на апарати за дишење.

Пет лица го загубија животот во Република Српска, а повторно беа заразени над 300. Информациите од другите делови на БиХ сè уште се чекаат. Засега е познато дека 3 лица го загубија животот во Сараевскиот кантон, додека 283 лица беа позитивни на корона вирусот.

Загрижувачка е состојбата и во Србија. Најтешко е во Белград, кој со денови има стотици пациенти. Епидемиолозите очекуваат дека оваа и следната недела ќе биде врвот на третиот бран, поради што повикуваат на придржување до мерките и избегнување собири.

Црна Гора сè уште не ги објавила најновите резултати, но се очекува драстично влошување на состојбата во таа земја во наредните денови, имајќи предвид дека е забележано дека епидемиолошките мерки на погребот на митрополитот црногорско-приморски Амфилохије не беа почитувани во Подгорица.

За време на викендот, десетици илјади луѓе се собраа во Подгорица, на платото и внатре во Соборниот храм на Христовото воскресение, кои дојдоа да му оддадат почит на починатиот митрополит, а многу од нив не носеа маска и не ја почитуваа физичката оддалеченост.

Но, состојбата не е загрижувачка само во нашиот регион, туку и во цела Европа. Многу земји, како Германија, Франција и Велика Британија, одлучија повторно да ја воведат блокадата со цел да го запрат понатамошното ширење на вирусот и да спречат колапс на здравствениот систем. А.Р.