Споредено со претходниот ден, состојбата на врвот на земјите со најмногу заразени е променета. Соединетите држави сè уште се на првото место со 1.379.452 заразени, а потоа следува Шпанија со 268.143. На трето место не е повеќе Италлија, туку Велика Британија, која има 223.060 позитивни на вирусот корона. САД имаат најмногу жртви – 81.285, по што следат Велика Британија со 32.065 и Италија со 30.739.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс е во самоизолација, откако беше потврдено дека неговиот портпарол е заразен со вирусот корона, пренесува Блумберг, цитирајќи тројца неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Во Велика Британија, бројот на загинати од корона вирус е зголемен за 210 на 32.065, соопшти денеска британското Министерство за здравство. Во соопштението се вели дека податоците собрани од Агенцијата за јавно здравје на Англија вклучуваат Велс, Северна Ирска и Шкотска. Во соопштението се додава дека смртните случаи се пребројувале во сите заедници откако резултатите од присуството на коронавирусот биле позитивни. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека вирусот корона ќе биде меѓу народот долго време.

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна денес дека граѓаните мора да ги почитуваат мерките за физичко растојание и да носат заштита за уста и нос, дури и по олеснување на рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на корона вирусот, пренесе Ројтерс.

Бројни училишта во Пекинг тестираат нараквици за мерење на температурата на учениците, со цел да се контролира пандемијата на корона вирусот. Движењето на температурата го следат училиштата и родителите преку апликацијата, пренесува BBC, повикувајќи се на кинеските медиуми. Училиштата треба да ги следат податоците и да имаат план за одговор доколку ученикот има треска. Од студентите се бара да го носат уредот 24 часа на ден.

Нозаразените на вирусот во Кина и Јужна Кореја се загрижувачки заради очигледната способност на вирусот да продолжи да се шири незабележано. Претседателот на Јужна Кореја Мун aeа-ин предупреди за втор бран на епидемијата, по порастот на нови случаи, поврзани со ноќните клубови во Сеул, кои ги посетувал маж во доцните 20-ти години, а кој се покажа како позитивен на вирусот. Воведени се нови ограничувања во Кина, откако се појавија нови случаи на коронавирус во два града.

Бројот на смртни случаи како резултат на пандемијата на вирусот корона во Шпанија се зголеми од 26.621 на 26.744, соопшти шпанското Министерство за здравство. Во соопштението се наведува дека во Шпанија починале 123 лица од вчера, што е најмал број на случаи на дневна основа во последните седум недели.

Бугарија ублажи одредени мерки во сузбивањето на коронавирусот, така што од денес се дозволени посети на музеи, галерии и библиотеки, притоа почитувајќи ја физичката дистанца, соопшти Министерството за здравство.

Два месеци по затворањето, со цел да се запре ширењето на КОВИД-19, продавниците во Белгија се отворија денес. Новата фаза на суспендирање на итните мерки започнува на денот кога во Белгија се пријавени 368 ново заразени со вирусот и 62 смртни случаи.

Од денес, фризерските салони повторно работат во Франција, а местата во некои салони веќе се пополнети следните три недели. Околу 60 проценти од Французите порано изјавиле дека ќе ја посетат фризерката во првата недела кога повторно ќе се олеснат мерките за движење, пренесува порталот Франс 24.

Во Србија, уште три лица починале од коронавирус, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 218, додека инфекцијата е потврдена кај 10.176 лица.

Денес, Хрватска влезе во третата фаза на олеснување на епидемиолошките мерки – училиштата ги отвораат своите врати за некои ученици, а по пауза од скоро два месеци, трговските центри, кафулињата и рестораните ќе започнат со работа, со строги препораки кои детално го регулираат начинот на работа. На првиот ден од работата во хрватските училишта, помалку од два проценти од учениците се појавија, според анализата направена од Сојузот на учители на Хрватска.

Н.С.