Според најновите податоци, најмалку 3.500 луѓе починале, а повеќе од 105.000 се заразиле со вирусот корона ширум светот. Највисоки стапки на смртни случаи се забележани во Кина, со повеќе од 50 земји во светот, според Си-Ен-Ен.

Прв смртен случај е пријавен во Јужна Америка, поточно во Аргентина, каде починал 60-годишен маж, кој неодамна престојувал во Европа. Во меѓувреме, се појави првиот случај на инфекција на универзитетот Оксфорд. Еден студент се заразил откако патувал надвор од Англија. Сепак, тој веднаш се изолирал, па затоа не присуствувал на предавањата. Бројот на заразени од вирусот во Грција се зголеми на 66 лица.

Изолација во северна Италија

Повеќето случаи во Европа се пријавени во Италија, каде што премиерот Џузепе Конте потпиша декрет рано утрово, со што голем дел од северна Италија е изолирана. Регулативата се однесува на Ломбардија и 14 други региони и опфаќа околу 16 милиони луѓе. Полициските и противпожарните одделенија ќе бидат надлежни за спроведување на уредбата, што значи затворање на училиштата и колеџите до 3 април, откажување на сите спортски настани, стоење на оддалеченост од еден метар во верските згради, како и баровите и рестораните.

Како што се вели во „Кориере дела Сера“, подготвен е уште еден указ, кој би можел наскоро да се донесе, а кој ќе важи за целата земја. Вклучува затворање на училиштата барем до 15 март и заострување на некои од веќе преземените мерки.

Вонредна состојба и во Њујорк

Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, прогласи вонредна состојба вчера, поради зголемениот број на луѓе кои страдаат од корона вирусот. Куомо рече дека воведувањето вонредна состојба ќе им помогне на властите на Њујорк поефикасно да се борат со ширењето на вирусот и со воведување нови регулативи , објави Њујорк Тајмс.

Според весникот, најавата на Куом за вонредна состојба дошла откако бројот на пациенти се искачил на 76, додека 11 случаи биле потврдени во самиот град. Најпогодениот дел од државата Њујорк е Северозападниот округ, со досега регистрирани 57 пациенти со КОВИД-19.

На патничкот брод во близина на Сан Франциско со 3.400 патници и членови на екипажот, потврдено е дека 21 лица биле заразени со вирусот. Меѓу нив е и еден
српски државјанин, член на екипажот на крстосувачот „Големата принцеза“. Нема информации дали има македонски државјани на овој брод, ниту пак се знае судбината на тројцата македонски државјани кои беа на крузерот во Јапонија, од кои кај едниот беше регистриран вирусот.

Забранети јавни собири во Словенија

Словенечкиот министер за здравство Алеш Шајдер ги забрани сите јавни собири на затворено место со повеќе од 500 лица, поради корона вирусот, соопшти словенечкото Министерство за здравство.

Тој ја донесе одлуката во саботата навечер, а забраната ќе остане на сила сè додека болеста продолжува да се шири, пренесува СТА.

– Препорачуваме заради зголемениот епидемиолошки ризик, организаторите да го земат предвид и значењето на настаните со помалку луѓе – се вели во соопштението.

Во последново деноноќие за прв пат се регистрирани заразени од вирусот во Бугарија и Молдавија.

А.Н.