Најновата вест доаѓа од Канада и вели дека премиерот на Канада, Џастин Трудо, се самопоизолира откако неговата сопруга, која се врати од Велика Британија, почнала да има симптоми на грип.

И 17-годишната активистка за клима, Грета Тунберг, ги прекина своите протести за климатските промени низ училиштата, што ја направија меѓународно позната.
На објавата на социјалните мрежи, таа ги охрабри нејзините многубројни следбеници да ги слушаат медицинските професионалци, „да се обединат зад науката“ и да избегнуваат големи собири на луѓе со цел да ја „намалат кривата на заразата“ и да престанат со ширење на коронавирусот.

„Ние младите најмалку сме погодени од овој вирус, но важно е да се однесуваме во солидарност со најранливите и да дејствуваме во интерес на нашето заедничко општество“, напиша Тунберг.

Во меѓувреме и САД објавија дека од утре ќе биде прекинат авионскиот сообраќај со Европа, како и тоа дека државата ќе забрани влез на патници. Во својата официјална изјава, Доналд Трамп рече дека забраната за влез во САД се однесува на граѓаните кои доаѓаат од Европа. Подоцна, сепак, официјален документ објавен по изјавата на американскиот претседател наведува дека забраната за влез во Соединетите држави се однесува на не-американски државјани кои доаѓаат од шенгенските земји.

Австриските власти ја пријавија првата смрт на коронавирусот во земјата – 69-годишен маж кој почина во главниот град Виена, пренесуваат светските агенции. Мажот, како што пренесуваат агенциите, неодамна бил во Италија. Во Австрија во моментов има 302 потврдени случаи на инфекција. Четири лица се излекувани.

Норвешка ќе ги затвори сите училишта и градинки во обид да го запре ширењето на коронавирусот, откако веќе е преземена слична мерка во Данска, соопшти денеска норвешката агенција „Ан Те Бе“, повикувајќи се на неименувани извори.
По објавувањето на првиот докажан случај на зараза во Норвешка на 26 февруари, нивниот број достигна 621 во средата. Двата најголеми града на Норвешка – главниот град, Осло и Берген – веќе одлучија да ги затворат сите училишта од утре. И Данска ги заостри мерките против ширењето на COVID-19

Ирска ги затвора сите училишта, универзитети и градинки до 29 март. Ограничувањата се наметнуваат на сите масовни собири на отворено и на затворено заради коронавирусот, изјави денеска премиерот Лео Варадар. Мерката за училиштата ќе стапи на сила од утре претпладне. Ако е можно, часовите ќе се одржуваат на Интернет или од далечина.

„Нашиот совет е да ги ограничиме собирите во затворен простор на не повеќе од 100 луѓе и собири на отворено на 5.000“, рече ирскиот премиер. Тој, исто така, препорача дека сите работници и вработени треба да можат да работат од дома кога е можно. Вчера, Ирска го потврди првиот смртен случај од вирусот, а бројот на потврдени заразени лица се искачи на 43 лица.
Шпанската министерка за еднаквост Ирина Монтеро даде позитивен тест на новиот коронавирус, се вели во официјалното соопштение. Тестирани се сите членови на шпанската влада. Партнерот на Монтеро – лидерот на радикалната левичарска партија Поддемос и вицепремиерот Пабло Иглесијас – се ставени во карантин.

Во Србија бројката на заразени достигна 24 лица,а во Бугарија 23. Во Албанија исто така бројката на заразени достигна 23 лица, а заразени се лица кои патувале во Италија. Премиерот Еди Рама најави засилени мерки во борбата против вирусот. Словачка ги затвори границите и аеродромите.

Бројот на потврдени случаи на вирусот корона во Словенија се зголеми на 89, при што премиерот во заминување Марјан Сарец најави дека ќе биде прогласена епидемија.
Во Кина пак пријавени се само 18 новозаразени лица.

Н.С.