Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре (21 март) ќе започне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Во рамките на посетата е предвидена средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“ работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов „Патот по кој чекорам“.

Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.