Маските за лице и пропусниците за ковид повеќе не се законска обврска во Обединетото кралство, откако денеска стапи на сила олабавувањето на правилата за ковид.

Според британскиот министер за здравство, Саид Џавид, ваквиот развој на ситуацијата се должи на успешната кампања за вакцинација и подобро разбирање на процесот на лекување на ковид, пренесува „Би-Би-Си“.

Официјален портпарол на премиерот рече дека носењето маска сега ќе биде „прашање на лична проценка“. Сепак, некои продавници велат дека ќе продолжат да бараат од луѓето да ги носат, а железничките оператори исто така рекоа дека очекуваат патниците да носат маски. Сите велат дека ќе ги поттикнат граѓаните да носат маски, но дека нема да ги тераат да се покоруваат.

Градоначалникот на Лондон Садик Кан рече дека маските ќе останат задолжителни на услугите за јавен транспорт во Лондон, повикувајќи ги луѓето „да ја направат вистинската работа“.

Укинати се и некои други мерки што беа преземени порано за справување со ширењето на сојот омикрон, вклучително и упатства за работа од дома и совети за носење маски во училниците во средно училиште, пренесува Танјуг.

Британската влада од денеска ги укина упатствата за употреба на маски за лице во заедничките простории на образовните институции.

Бројот на случаи на ковид во Велика Британија се чини дека стагнира во последните денови, а најновите податоци покажуваат дека во последните 24 часа се регистрирани 102.292 случаи, што е сепак висок број на заразени. Уште 346 лица починаа во Велика Британија во рок од 28 дена од позитивниот тест. А.Н.