Во комунистичка Куба по пензионирањето, претседателот Раул Кастро веројатно ќе ја предаде власта на неговата “десна рака” Мигел Дијас Канел (57).

Од револуцијата во 1959 година, Куба имаше само една вистинска транзиција на врвот, тоа беше во 2006 година, кога болниот Фидел Кастро му ја предаде функцијата на својот помлад брат Раул, по повеќе од 40 години на власт. Фидел умре кон крајот на 2016 година, а сега е ред на 86-годишниот Раул да му го отстапи местото на претставник на новата генерација.

Дијас Канел е роден во 1959 година, во годината кога Фидел и Раул ја изведоа левоориентираната револуција на овој остров, наведува Ројтерс. Агенцијата проценува дека без оглед на оваа промена, по речиси 60 години на власт на Кастрови, не се очекува таа да предизвика радикални реформи во кубанската економија под контрола на државата и еднопартискиот систем, еден од последните во светот.

Дијас Канел вчера беше номиниран за единствен кандидат за претседател.
АП објави дека оваа номинација сега треба да биде потврдена од страна на Кубанското народно собрание со 604 пратеници кои секогаш ги потврдуваат номинациите целосно или речиси целосно едногласно.

За нов прв потпретседател е предложен Салвадор Валдес Меса (72), поранешен официјален синдикален претставник кој во кубанската влада беше на повеќе значајни функции.

Дијас Канел припаѓа на помладата генерација на лидери, се залагаше за модернизација на островот, но од него, како долгогодишен претставник на Комунистичката партија, не се очекува да инсистира на големи политички промени, пишува Ројтерс.
Ако биде избран, Дијас Канел ќе биде првиот претседател на Куба, роден по кубанската револуција. Тој нема да носи маслинаста униформа и нема да ја води Кубанската комунистичка партија. По образование е инженер за електроника, тој е очигледно повеќе човек на денешницата отколку Раул и Фидел Кастро, кои владееја со островот во изминатите шест децении.

Број два на власт од 2013 година Дијаз Канел се подготвува за оваа функција веќе долго време. Веќе неколку години, тој редовно ја претставува својата влада во странските мисии и медиумските настапи му станаа почести. Ако биде избран, тој треба да го наметне својот авторитет и да продолжи со неопходното модернизирање на економскиот модел на островот што го зацрта помладиот Кастро. Раул Кастро ќе ја задржи функцијата на шеф на единствената партија до 2021 година.

За нов потпретседател е предложен Салвадор Валдес Меса, 72-годишен Афро-Кубанец, поранешен синдикален претставник кој имаше низа високи позиции во кубанската влада.