Најмалку 46 лица се повредени за време на протестите во Бразил, објави шпанскиот весник „20 минути“, повикувајќи се на податоци од болница во Бразилија. Весникот наведува дека шест лица се во тешка состојба, а на двајца од нив им била потребна итна медицинска помош.

Поддржувачите на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кои од минатата година протестираат поради резултатите од претседателските избори, вчера на кратко ја окупираа зградата на Националниот конгрес на Бразил и Врховниот суд, како и претседателската палата во Бразилија.

Полицијата синоќа околу 20 часот по локално време ја врати контролата врз зградите. По вчерашните немири уапсени се повеќе од 400 лица.