Крит, порано од предвиденото ги отвори плажите за локалното население, а се очекува од следната недела и остатокот на Грција да ги отвори плажите доколку продолжи истиот тренд со (не)ширење на корона вирусот. Во Грција, според Минситерството за здравство втор ден по ред нема ниту еден заразен.

Како одраз на огромниот успех што Грција го има во одржувањето на ширењето на коронавирусот, патувањето до и од островот Крит ќе продолжи на 18 мај, што е порано од очекуваното, според Никос Хардалиас, заменик министер за цивилна заштита за управување со кризи.

„Почнувајќи од понеделник, 18 мај, патувањето ќе биде дозволено низ целата територија на Грција, како и на Крит“, рече Хардалиас во денешното обраќање на јавноста.

Тој исто така рече дека владата се надева дека ќе дозволи патувања помеѓу островите да почнат од 25 мај. Сепак, тој потенцираше дека конечна одлука ќе биде донесена следната недела.

Хардалиас информираше дека црквите ќе бидат отворени за јавноста од 17 мај, а ограничувањата се однесуваат на тоа дека една личност треба да е само на 10 квадратни метри и 1,5 метри (5 стапки) растојание во сите правци. Овие ограничувања исто така ќе треба да се спроведат за време на крштевки, свадби и погреби.

Исто така, максималниот број на присутни во која било црква не може да надмине 50 лица, без оглед на големината на црквата, рече тој, додека сите присутни мора да ги следат здравствените мерки на претпазливост.

Потоа Хардалиас издаде уште едно предупредување за социјално растојание, бидејќи предвидува дека плажите ќе бидат преполни поради топлото време. Тој апелираше граѓаните да  бидат многу внимателни на плажите.

Но, сето ова се однесува за локалното население, а кога и под кои услови ќе се отвори границата на Грција со соседите, останува да слушнеме утре по состанокот на миснитрите на ЕУ.

Н.С.