Хрватската национална авиокомпанија „Кроација ерлајнс“ објави модифициран распоред за летање за јули, според кој, од средината на овој месец, ќе воведе уште две рути од Загреб, до Атина и Скопје.

Долгорочната сезонска линија помеѓу Загреб и Атина ќе биде повторно воспоставена од 14 јули со три лета неделно, секој вторник, четврток и недела, пренесува „SeeBiz“.

Како и досега, линијата ќе сообраќа со запирање во Дубровник, а на неа ќе летаат авиони „DashQ400“ со капацитет од 76 места.

Линијата Загреб – Скопје е повторно воведена од 13 јули, со два лета неделно, секој понеделник и петок, а од 22 јули уште две поаѓања неделно, секоја среда и недела.

Најавени се авиони од типот А319 со капацитет од 144 седишта за сите четири летови неделно.

„Кроација ерлајнс“ повторно ќе лета на сезонска рута помеѓу Сплит и Лион, еднаш неделно, секоја сабота, од 11 јули, а на неа ќе оперираат авиони „DashQ400“.

Од крајот на јули, компанијата планира да ја започне линијата Дубровник – Париз.

Првиот лет е во продажба од 30 јули, а директните летови на оваа линија се очекуваат три пати неделно, во четврток, петок и недела.

Рутата Дубровник – Рим е воведена, од 18 јули, три пати неделно, во среда, сабота и недела, со авиони DashQ400.

„Кроација ерлајнс“ повторно ќе работи на линија Дубровник – Минхен, а воведувањето на оваа рута се очекува од 24 јули, три пати неделно, во понеделник, петок и недела, со авиони А319. А.Н.