Министерката за внатрешни работи Лусијана Ламоргесе изјави дека „пациентот Италија“ се однесувала добро за време на велигденските празници, дека бројот на оние што ја нарушиле забраната за движење бил релативно мал и, како што рече од „физиолошка природа“.

Податоците за бројот на заразени, хоспитализирани и починати од коронавирусот во Италија варираат од еден во друг ден, но генерално опаѓаат во последните 10 дена, а сите податоци одат во една насока: можеме да се надеваме.

По скоро еден месец, бројот на дневни жртви е помалку од 500, се намалува и бројот на заразени, тешки и благи случаи на инфекција, а се зголемува и бројот на опоравени пациенти.

Во последните 24 часа имало 1.984 нови случаи на инфекција, се намалува бројот на пациенти со интензивна нега, 38 помалку, за 297 помалку хоспитализации и 431 смртни случаи во последните 24 часа, што е најниско од 18 март.

Има 71.063 лица во домашна изолација. Во Ломбардија „црвената зона“на епидемијата починаа 110 луѓе во последните 24 часа, сепак многу, но има јасен пад во споредба со најлошите денови на епидемијата, кога дневно умираа 700 луѓе.

Загрижува нагорниот тренд во регионот Пиемонт, еден од најразвиените региони во Италија, каде се потврдени нови 996 случаи. Во последните 7 дена Пиемонт е регион во кој процентот на заразени лица најмногу се зголеми, за 37 проценти.

Кубанскиот авион „Бригада Хенри Рив“ со 21 лекар и 16 медицински сестри пристига денес на аеродромот во Торино за да и помогнат на Италија во борбата против коронавирусот.

„Нашата благодарност оди пред сè до Куба и до здравствените работници кои се согласија да ни помогнат во толку тешко време“, рече претседателот на регионот, член на десничарската партија Лега Норд, Алберто Цирио. А.Р.