Позитивен, интелигентен, шармантен “мангуп”. Омилен, пред се. Шегобиец. Со популарност во разни мултимедијални форми. Скопјанецот Дишо, кому станица како “слободен уметник” му се сите градови во Европа, го прашувавме а тој раскажува за себе и своите, се разбира во свој стил.

*Името Дишо, само што ќе се спомне, веднаш станува јасно за кого станува збор. Актер натуршчик, ТВ лице, музичар, познат, но и популарен веќе три децении, со спонтана кариера. Сево ова беше детски сон или коцките некако сами се наредија?

– Детски сон ми беше да имам убави автомобили, глисери, палати … А актер натуршчик, ТВ лице, музичар, познат но и популарен веќе три децении – тоа ми е : Ноќен кошмар!

*Зарем?! Колку е потребно да човек постојано да се вложува во нешто ново и интересно, за да се подгрева славата толку долго? Во наши услови, без менаџер, без финаии, без вложувања.

-Е тоа прашање ќе требаше да го поставите лично на мајка ми, а истовремено и на сопругата , ќерката и моите блиски. Само ним им знае душата колку вложиле во мене за да ја задржам оваа популарност. Надвор кај луѓето сум популарен, ама прашајте ги моите дома дали и кај нив сум популарен?

*Ајде, ќе одиме, по оној редослед по кој се знаеме, а тоа е од самиот почеток. Најпрво се случи БРТ телевизија и одеднаш блесок на популарност со хумористични скечеви кои ги снимавте со вашиот брат Цирко ака Муарем Рамуш и сега познатиот актер Кољо ака Северџан Бајрам. За да почнеш да снимаш скечеви мора од претходно да го имаш тој талент, не е тоа преку ноќ.

-Тој талент ми се влече уште откако се родив. Откако забележав дека со моето раѓање  наместо да се радуваат сите почнаа да плачат од разочарување, оттогаш решив – Дефинитивно јас ќе бидам лик кој сите ќе ги засмевам, само семејството ќе го расплачам.

*Кој ги осмислуваше скечевите, како доаѓавте до идеја, до финансии за снимање? Беше ли доволно тоа што го имавте на располагање?

-Скечевите си ги осмислувавме сами, иако да не се фалам ама јас бев Шеф. Сите мои колеги имаа страв од мене. А најмногу Зоран Димов , сопственикот на БТР кој од страв,  плаќаше за тие скечеви.

*ТВ БТР, претежно музичка и највесела телевизија за брзо стана мошне популарна и гледана, благодарение на тие скечеви. И дадоа препознатливост и оригиналност на телевизијата. По згаснувањето, ги снема. Ви недостига ли да се собере екипата по таков повод нови снимања?

-Па и ни недостасува, се само заради повторната дружба со старата екипа.

*Имаше ли интересни случки при снимање? Сигурно имало…

-Ако ги споменам интересните моменти ќе треба интервјуто да биде од милион и шетстотини седумдесет и четри страници. Сите снимања буквално ни беа и незаборавни случки, смеење и слично.

*Ако ги исцрпивме прашањата за хумористичкиот концепт од вашата тв работа, да се префрлиме на филмовите кои ги имате снимано. Кажете ни за нив. Колку се, кои се?

-На времето имав покана од Стивен Спилберг да ја играм главната улога на ЕТ – вонземјанинот, и кога бев сигурен дека со суратот баш одговарам за таа улога, се појави тој идиот „ЕТ„ и ми го зема лебот од уста. И после работата тргна надолу. Играв неколку рољи, а последен ми беше една улога во филмот од хрватско –австриска продукција „Сонот на Баба Илонка”.

*Најинтересно е што вашата екипа е тим кој победува. Секогаш е истата а секогаш со нешто ново, во нови походи. Се ли ви е игра, хумор и песна и зад камерите?

-Аха како да не…  Се е ок весело, “раздрагано”, се до телефонскиот повик од телефонските оператори, од ЕВН, од извршителите… Потоа моралот паѓа на – нула.

*Најважниот дел од вашето уметничко постоење е музиката. ” Ајгара бенд”е славен бенд. Ја полневте и Универзална сала, имавте турнеи. Што се друго е важно за “Ајгара бенд”?

-Сега сериозно! “Ајгара Бенд”од самото формирање па се до ден денешен си го задржавме приматот како најплодотворна музичко, хумористично, забавна трупа. Всушност “ Ајгара Бенд” е – БРЕНД!

*Колку песни имате со групата? Постои ли уште?

-Па “Ајгара бенд” постои уште од 1990 година. Значи 30 години. За овие 30 години точниот број на песни не го знам, ама се околу 100. Од тие 100  – 150 се хитови. Тоа значи дека и со други пејачи и оркестри каде сме биле како специјални гости испаднале хитови. “Ајгара Бенд” си постои… Кога не удираат будалите, одма си вадиме песна.

*Вашиот брат Цирко, несуден електро инжењер, но затоа славен новинар, сценарист, водител и актер е вашата најголема поддршка. Но знам дека имате и два други браќа и сестра. Тие не се по глумата, по музиката, по светот на подвижните лента по светот на фантазиите?

-Чекај, чекај… во “Ајгара Бенд”и во хуморот покрај Цирко тука е и Мики – Муаремов Минхен – кој се уште активен член иако е во Германија. А имам брат, Адо, кој е во Мелбурн – Австралија кој е „тајно жарче„ мултиталент од секој аспект, ама не е експониран воопшто. Сестра ми Атина не сака да биде дел од “Ајгара Бенд”.

 *Што работите ново во овој период?

-Искрено во овој период најчесто што правам е си ги дезинфицирам рацете.

*Освен оваа професија, или повеќе да речеме хоби, препознатлив сте како дел од услужниот персонал на култната кафана “Кај Жабарот”. Интересна ли е таа работа? Цел “век” сте таму?

-Два века, два.. Мислам дека откако се родив , јас сум таму. Моите откако се родив во една кутија ме оставиле пред „Жабарот„ и одтогаш сум таму. И келнер, и готвач, и шанкер, и набавувач и менаџер, и забавувач – „Девојка за се”.

*Што не кажавме овој пат? Ви недостига ли ТВ БТР?

-Од периодот на ТВ БТР искрено ми недостасуваат многу убави моменти. Ама сега е веќе друг момент. Повеќе ми смета ако немам батерија на мобилниот или интернет, искрено!

Валентина Ѓоргиевска Парго