Исклучителната музичка драма „Ла Ла Ленд“ направи вистински преседан, освојувајќи ги сите седум „Златни глобуси“ за кои беше номинирана. Овој иновативен и необичен мјузикл на младиот Дамиен Шазел (31г.) му ги донесе наградите за режија и за сценарио, „Златниот глобус“ во категоријата најдобар мјузикл или комедија, потоа награди за двајцата главни актери, Ема Стоун и Рајан Гослинг, како и за најдобра музика и оригинална песна „Градот на ѕвездите“.

Вакво нешто на доделувањето на наградите на странските досписници во Холивуд, кое се одржа 74. пат, се нема случено уште од 1979 година кога биографската драма „Полноќен експрес“ на Ален Паркер и Оливер Стоун доби шест „Златни глобуси“. Во меѓувреме, во текот на цели 36 години ниеден филм не добил повеќе од четири награди. Но, на „Ла Ла Ленд“ му појде од рака не само да добие седум, туку да победи во сите категории во кои беше номиниран. А тоа е дотолку поинтересно што годинава трката беше донекаде изедначена со оглед на тоа што уште два филма имаа голем број на номинации, и тоа „Месечина“ на Бери Џенкинс со шест и „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган со пет. Освен тоа, сите овие три филма важеа за фаворити со освоени меѓу 250 и 300 номинации и награди, како и голем број признанија на критичарските здруженија, кои исто така важат за своевидна одредница во поглед на фаворитите.

Па, сепак, „Ла Ла Ленд“ со својата свежина, единственост и особеност успеа да ги победи фаворитите и да ја испише историјата. И со право, бидејќи овој втор музички филм на Дамиен Шазел, после доста успешниот „Ритамот на лудилото“ (Whiplash), ја покажа целата раскошност на неговиот талент, но и чувство за нешто сосем поинакво. Бидејќи, сите се согласуваат во оценката дека ова не е класичен мјузикл, иако ги има сите елементи на мјузикл, дека во себе ја носи традицијата, но и современото, дека успева да ги зачува сите оние карактеристики на мјузиклите од „златното време“ на Холивуд, а сепак да биде целосно модерен. Шазел на еден сосем оригинален начин си игра со ритамот и движењата, со соновите и фантазијата, но и со реалноста и нејзината неумитност, создавајќи еден таков особен филм кој не може а да не предизвика емоции, иако во него нема ни малку патетика. Или, како што ќе рече Ема Стоун при примањето на наградата, дека надежта и креативноста се двете најважни работи во светот, а од кои Шазел, ќе направи вистинска магија која останува долго потоа, како чувство, како надеж, како исчекување, како топлина, но и тага за неоствареното…

Mesecina najdobra dramaНа второ место по „Ла Ла Ленд“ се наоѓаше филмот „Месечина“ на Бери Џенкинс, кој предводеше со своите тристотини номинации и награди добиени досега. Оваа безвремена приказна за едно црно момче кое растело во доста суров крај во Мајами, а кое треба да излезе на крај со својата откриена хомосексуалност, успеа да ги освои сите симпатии и да понесе дури шест номинации за „Златен глобус“, и тоа за најдобар филм во категоријата драма, за најдобро сценарио и режија, за споредните улоги на Махершала Али и на Наоми Харис, како и за музиката. За жал, „Месечина“ освои само една награда, иако главната, за најдобра драма. Но, факт е дека сите очекуваа многу повеќе.

И третиот годинашен фаворит, секако, е „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган, кој ги освои сите на фестивалот „Санденс“ и доби буквално брилијантни критики. Овој филм лани го отвори и Филмскиот фестивал во Виена. Тоа е приказна за еден разведен маж, кој по семејната трагедија кога ќе го загуби неговиот брат, ќе добие т.н. втора шанса односно обврска да се грижи за неговиот син. Емотивен, силен и исклучително комплексен, тоа е филм кој освои некои од главните награди на „Критик чоис“, а понесе номинации за „Златен глобус“ за најдобра драма, за режија и за сценарио и за улогите на Кејси Афлек и Мишел Вилијамс. Наградата ја освои единствено Кејси Афлек за својата екстраординарна улога во категоријата драма.

Наградата за најдобра споредна женска улога сосем очекувано отиде кај Виола Дејвис за нејзината улога во филмот „Огради“, приказна за едно афро-американско семејство сместена во 1950-тите години. Интересно е дека „Огради“ е во режија на Дензел Вашингтон, кој исто така имаше номинација за улога. Додека, сосем неочекувано наградата за споредна машка улога ја доби Арон Тејлор Џонсон за трилерот „Под закрилата на ноќта“ на Том Форд, земајќи му ја наградата на еден од фаворитите, Махершала Али за „Месечина“.

Втор преседан што се случи на ова доделување на „Златните глобуси“, секако е наградата за француската актерка Изабел Ипер за еротскиот трилер „Ел“ на Пол Верховен, кој пак го освои „Златниот глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Имено, сите очекуваа дека наградата за најдобра женска улога во драма ќе ја добие Натали Портман за ролјата на Џеки Кенеди, но оваа одлука беше вистинско изненадување.

Meril StripГодинава, веќе се знае дека Мерил Стрип ја доби својата 30-та номинација за „Златен глобус“, соборувајќи ги сите рекорди. Сосем оправдано Стрип беше повторно номинирана за фасцинантната ролја како Флоренс Фостер Џенкинс, која овој пат не ја доби (досега има добиено осум „Златни глобуси“), но затоа ја доби почесната награда за животно дело „Сесил Б. Де Мил“. Но, она што ја одбележа вечерта беше нејзиниот говор насочен против новиот претседател на САД, Доналд Трамп и разочарувањето поради однесувањето на овој „подмолен шоумен“. „Тој инстинкт за понижување, кога го искажува некој на јавна функција, некој што е толку моќен, влегува во сечиј живот и им дава дозвола и на другите да го прават истото“, изјави Стрип.

Таа рече дека една изведба оваа година ја оставила без текст. Не затоа што е добра, туку затоа што на негативен начин била доста „ефикасна“, предизвикувајќи потсмев. А тоа и била целта кога Доналд Трамп го имитирал говорот на новинарот со посебни потреби Серж Ф. Ковалески од Њујорк. „Тоа ми го скрши срцето и таа сцена не можам да ја исфрлам од глава. Немањето респект повикува на немање респект, насилството повикува на насилство. Кога моќните ја користат својата позиција за да ги малтретираат другите сите ние губиме“, продолжи Мерил Стрип. На крајот таа ги именуваше сите колеги кои не се Американци, зборувајќи дека Холивуд врие од странци и прашувајќи што ќе гледаат ако ги избркаат сите нив. Таа се пошегува дека ќе им остане само фудбалот и боречките вештини, што и не се некоја уметност. А потоа ги повика токму новинарите, кои и ги доделуваат овие награди, нагласувајќи ја важноста на нивната работа особено во истакнувањето на одговорноста на оние кои се на моќни позиции, како и во поглед на тоа да се зачува вистината. Со тоа „Златните глобуси“ ја добија својата перјаница, каде што и покрај „забавата“ не беше заборавена одговорноста, чија сила е многу поголема токму користејќи ја популарноста на еден ваков настан, а и тежината, со оглед на тоа што овој настан се случува на само десет дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател.

Сунчица Уневска