Дел од историјата на британскиот блуз, гитаристот и вокалист Стен Веб доаѓа директно од Лондон во ноќниот клуб „Станица 26“ на 23 февруари. Овој ексклузивен концерт е во организација на концертната агенција и продукција “3Гонга“ и претставува Градска сесија број 10. Оваа петочна концертна свирка ќе започне во 20 часот.

На овие балкански простори во изминатите години имавме можност да ги проследиме легендите како Ерик Клептон, Џон Мајал и редица други, а во петок ќе имаме можност во живо да го видиме и настапот на познатиот Стен Веб кој со својот бенд „Чикин шек“ (Chicken Shack) оставија неизбришлива трага во историјата на британскиот блуз.

Покрај концертниот настап, македонските љубители на блузот ќе имаат ретко задоволство да се запознаат со легендарниот гитарист, а музичарот со големо задоволство ќе им ги потпише нивните плочи, редок настан кој не би требало да се пропушти!

Како млад талентиран гитарист, Стен Веб бил фасциниран од “црнечкиот” звук, особено од музичарите како Фреди Кинг, Мади Вотерс и Бади Гај кои имаа големо влијание во градењето на неговиот сопствен музички израз кој во средината на шеесетите години го интепретира со својот состав „Чикин шек”.  Во тоа време многу звучни имиња како “Fleetwood Mac”, John Mayall’s Bluesbreakers, “Savoy Brown”, “The Yardbirds”, “The Animals”, “The Rolling Stones”, Georgie Fame & The Blue Flames,The Spencer Davis Group… (со дел од нив Стен Веб и соработувал) создаваат се уште ненадминато богато музичко наследство, инспирација за многу генерации музичари кои по нив се појавија на сцената. Во 1967 “Chicken Shack” потпишуваат договор со “Blue Horizon” и наредната година го издаваат својот прв албум наречен “40 Blue Fingers, Freshly Packed and Ready to Serve” кој постигнува голем успех, особено со сингловите “I’d Rather Go Blind” и “When The Train Comes Back”, благодарение на извонредната изведба, особено со гласот на Christine Perfect, која подоцна постигна светска слава како членка на “Fleetwood Mac”. Во бендот продефилираа голем број музичари, а само лидерот Stan Webb остана врзувачко ткиво и по неколку години непрекинати турнеи и свирки низ светот, Stan реши да се одмори. Таа пауза не траеше долго, па по кусо време се активира како член на познатите “Savoy Brown” што не траеше долго, за потоа да го обнови бендот, овој пат под наслов “Stan Webb’s Chicken Shack” со кој и денес успешно настапува и покажува зошто е еден од најпочитуваните претставници на британската блуз школа.

Билети се по цена од 1000 денари. Ексклузивно, овој месец „3Гонга“ нуди специјален блок билети за престојните четири концерти на Stan Webb’s Chicken Shack, Scott Henderson кој ќе настапи на 7 март, Soft Machine на 14 март и Stick Men feat. Tony Levin на 22 март за цена од 3000 денари.