Валентина Ѓоргиевска Парго
Во подготовки е албум со 8 песни, на нашата позната поп и фолк пејачка Лени Партикова, членка и во операта на НОБ. Овој пат, во различни стилови од модерен народен ритам, балади печалбарски и свадбарски.
Добра причина за повторно да се сретнеме, овој пат како што налага ситуацијата во инбокс комуникација.
*Во овие наши  полу-изолациони денови, кога музички активности нема, кога се е повлечено во фаза на мирување, убаво е да се види и дознае дека некој нешто работи. Најпрво Лени, како си, како се чуваш во ситуацијава?
-Тешка е оваа ситуација за сите нас. Но јас едноставно не можам да живеам без музика, и во овие денови го искористив времето да и се посветам токму неа, музиката и песните. И направив нови песни, учествував на “Роса фест” со песната “Знам” , музика и аранжман на Горан Милошевски и текст Огнен Неделковски. Бев поканета како специјален гостин на “Еврофест” со мојата веќе наградена песна на ” Охрид фест”, “Кажи ми каде да те најдам”, и на мое огромно задоволство бев со награда  и комплименти, зад оваа прекрасен балада стојат Горан Милошевски и Огнен Неделковски.
*Музички моменти како инспирација да се издржи кризава, кај Тебе станаа конкретни планови. Што работиш друго, што снимаш?
-Со мојот бато Горан Милошевски спремаме еден прекрасен дует со кој ќе го заокружам албумот со забавни песни, кои повеќето беа изведени на нашите македонски фестивали.
*Те надвладеа желбата за песна што е добро, но како успеа да се поврзеш и снимиш песни со нов автор? Претстави ни го.
-Ете, сосем случајно преку една интересна фотографија што ја направив со една апликација, “Лени како убав дечко”, почнаа да се шегуваат нашите колеги дека како браќа близнаци си личиме со мојот другар колега братче, Флори Манев, тоа ги спои нашите музички патеки, и од нас како тим очекувајте многу песни и соработки. Во подготовки е албумот “Дива”, ќе има во него песни во различен стил и содржини, од народни со модерен ритам, балади, печалбарски и свадбарски песни. Во него ќе има и еден преубав дует со Флори Манев за кој ми е посебно чест и задоволство.
*За кого се наменети тие песни?
-Првата песна “Дива” е веќе во етер на сите наши радио станици и телевизии во Македонија, и на наше огромно задоволство е многу убаво прифатена од публиката. Музиката и аранжманот се на Флори Манев, а текстот на мојата многу позната колешка и писателка Нена Дулева. Честа беше голема саксофон да ни свири Енис Папазов, а бас гитарата нашиот драг колега од Бугарија Миро Кинг. Песната “Дива” е моја лична карта, за една јака жена која мора да се избори со се низ животната патека, и да чекори гордо. Песната си доби свој видео запис изработен со продукцијата на Флори Манев, во кој учествуваа прекрасните Борче Манев и Даниела Стојанова, на кои еве јавно ќе им кажам : Ви благодарам многу почит за вас, ве љубам многу.
*Ме радува што правиш конкретни планови за понатаму, добро е да се има таков мотив. Но, сега настапи нема, одите ли на вежби во МОБ, како ја одржуваш пејачката кондиција?
-Имаме настапи во МОБ, но во скратен состав и со протоколи, пееме со маски концертни изведби на оперите, и не е едноставно, напротив тешко е многу. Но да се надеваме ова што поскоро да заврши, и да се вратиме во нормала. Дај боже. Во црковниот хор на  “Рождество на пресвета Богородица” во Скопје, пак, пееме литургии секоја недела, тоа ме одржува во кондиција со пеењето и ми дава сила и душевен мир.
*Ќерката те наследи во талентот, ќе ја вклучиш во снимање на некоја заедничка детска песна?
-Мојата ќерка Христина е многу музикално дете, за, моја среќа таа е гордост мајкина. Секако дека ќе снимаме песна заедничка како мајка и ќерка таа обожува да пее. Ја сака музиката, веќе е трета година во нижото Музичко училиште ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, и учи солфеж да свири виолина и клавир.
*Долги години настапуваше како “Амбасадор  бенд”и во дует со познатиот и мошне квалитетен автор Владо Ѓоргиевски. Чекаат ли тие настапи продолжување во некои подобри времиња?
-Со мојот почитуван колега Владо Георгиевски, ќе има уште многу песни и соработки, за мене тој има посебно место во мојот живот како еден искрен другар, колега и поддршка во животот не само на музички план. Песната “Сама” која беше изведена на “Макфест” а е негово ремек дело на аранжман од Андријана Јаневска, е балада што ќе остане во душата моја додека постојам. “Амбасадор бенд” се моето второ семејство Дејан Митровски,Ирфан Дурмишовски, Златко Павловски, Игор Милошевски, се прекрасни луѓе и музичари, со кои уживам да работам, ме чуваат како принцеза, а музиката што ја создаваме е мелем за сечија душа. Со нив ви подготвивме многу убави сплетови со народни и забавни песни, кој беа  снимени со видео запис во прекрасниот амбиент на ресторанот Рагуза 919 во населба Лисиче. Голема благодарност до господинот Перица за укажаната чест. Во Овој прекрасен проект за кратко ќе можете да уживате сите.
*Ти си вработена во МОБ и имаш примања, а оние музичари кои живееја само од свирки сега се во оправдано бунило што понатаму, организираат и протести. Што ќе им порачаш на нив?
-Мора да издржиме и да се избориме за нашите права како музичари нема предавање, борба и протести со вас ќе сум до крај, иако сум вработена, ова е мојата втора работа, од плата не се живее особено самохран родител како што сум јас. Да помине се ова и да продолжиме со музика љубов и позитивна енергија.