Водечките глобални организации за зачувување на природната средина ја поддржуваат Коалицијата за заштита на реките на БиХ во намерата да забранат изградба на мали хидроцентрали, објави Коалицијата. Меѓу подржувачите е и Фондацијата Леонардо Ди Каприо. Тој преку Фондацијата се приклучи на повиците упатени до властите во Босна и Херцеговина за трајнa забрана за изградба на мини хидроцентрали во таа земја и со тоа да се спречи уништување на нејзините реки и на животната средина.

Својот став на оваа тема Леонардо Ди Каприо го искажа на Фејсбук, кога објави фотографија од реката Цврчка. Тој најпрво се осврна на зборовите на премиерот на ФБиХ, Фадил Новалиќ, цитирајќи ја неговата изјава за заштита на реките од малите хидроцентрали.

– Јас лично ги поддржувам еколошките невладини организации. Како голем љубител на природата, секогаш ќе поддржувам проекти за нејзинот зачувување. Мислам дека чистите реки се поважни за нас од електричната енергија. Ние сме веројатно единствената земја во регионот што е енергетски независна, добиваме доволно енергија од други извори. Ние мора да ги одржуваме чистите реки и да им ги пренесуваме на идните генерации – ги пренесе актерот зборовите на премиерот.

Познатиот актер истакна дека на реките во Босна им се заканува уништување, бидејќи се градат или се планираат дури 463 мини хидроцентрали.

– Федерацијата мора да преземе итни мерки сега, како што сторивме во Соединетите држави со Законот за диви и живописни реки. Трајно да се заштити најголемиот дел од биолошката разновидност што преостанува во Европа е спас за локалните заедници и многу загрозени видови кои светот ризикува да ги изгуби – напиша Ди Каприо.

А.Н.

Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање