Лејди Гага со претседателот на САД Џо Бајден Фото Twitter

Поп-ѕвездите Лејди Гага и Џенифер Лопез ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден на 20 јануари во Вашингтон, а целата церемонија ќе биде во поинаква атмосфера поради епидемијата на корона вирусот и зголемената безбедност по насилството во Капитол Хил.

Лејди Гага ќе ја пее американската химна на скалите во Капитол Хил, а потоа Џенифер Лопез ќе одржи „музички перформанс“, објави организацискиот одбор.

Двете пејачи го поддржуваа Бајден за време на претседателската кампања, додека Бајден ја нарече Лејди Гага „голема пријателка“, а таа настапи на неговиот последен предизборен митинг. Бајден и Лејди Гага соработуваа во кампањата против сексуалното вознемирување за време на претседателот Барак Обама.

Церемонијата на инаугурацијата наречена „Обединета Америка“ нема да биде како претходните инаугурации, бидејќи организаторите и локалните власти во Вашингтон ги повикаа Американците да не доаѓаат, туку да ја следат церемонијата преку Интернет во нивните домови.

Безбедноста во Вашингтон ќе се зајакне додека Пентагон објави дека ќе испрати 20.000 војници на Националната гарда. Веднаш по заклетвата, Бајден ќе повика на единство во земјата, заедно со неговите претходници Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ Буш.

По инаугурацијата, Бајден, заедно со Обама, Клинтон и Буш, ќе ги посети гробиштата во Арлингтон, каде ќе положи венец на Гробот на непознатиот херој.

За вечер е закажано специјално шоу, чиј домаќин ќе биде актерот Том Хенкс . Специјалната емисија „Прославувајќи ја Америка“ ќе се емитува од 20.30 до 22.00 часот по американско време на каналите AB„Еј-би-си“, „Си-би-ес“, „Ен-би-си“, „Си-ен-ен“ и „Ем-ес-ен-би-си“, како и на „Јутјуб“.

Меѓу гостите на Хенкс ќе бидат Џон Бон Џови, Џастин Тимберлејк и Деми Ловато.

Претседателот во заминување Доналд Трамп најави дека нема да присуствува на инаугурацијата. Поранешниот претседател на САД, демократот Џими Картер (96) нема да присуствува на церемонијата на заклетва, поради неговата поодмината возраст. А.Р.