По пишувањата за работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, односно на програмата Еразмус+, Соопштение до јавноста испрати директорката на НА, Лидија Димова. ТЕХТ.МК го објавува соопштението во целост:

„Ја известуваме јавноста дека содржината на текстот „Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација“ на авторот Кристијан Ландов од порталот А1он е тенденциозно манипулирање со јавноста, а со тоа предизвикала штета на повеќе ентитети/нивоа:

  • на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност,
  • на програмата Еразмус+,
  • на државата која учествува на рамна нога со сите други програмски држави,
  • мене како на директорка на институцијата,
  • на г-от Зоран Златковски, кој уредно и регуларно ги доби проектите од НА, а сепак мора да поминува низ невидена тортура преку нанесена дефамација на неговиот углед, и конечно
  • на Република Северна Македонија врз која овој текст го извалка успехот постигнат во последните две години и отворено нотирани во последниот извештај на Брисел.

Затоа, ја информирам јавноста дека вистината е сосема друга. Како прво, Националната агенција не финансираше фризерница (иако и тоа е дозволено и се правело во минатото), туку го финансираше претријатието Вредност на европско знаење чијшто скратени назив е В.Е.З. Трејд. Исто така не е точно дека Вредност за европско знаење односно В.Е.З. Трејд не постои во Централниот регистер.

Второ, Еразмус проектите се финансираат според строги процедури пропишани од Брисел, а не од директорката, или партијата или министерството или од кое било друго лице. Се поминува низ неколку нивоа: прво програмските службеници прават техничка проверка, потоа следува евалуација од надворешни експерти (ако проектот е над 60.000 евра, го оценуваат двајца надворешни експерти). Се прават ранг-листи според освоени бодови на проектите по акција и тие заедно со резимеата од проектите се разгледуваат од страна на Комисијата за евалуација во која членуваат претставници од пет институции. Годинава поради воведувањето на националните приоритети, и во обата повика, учествуваа и преставници од Министерството за образование и наука како набљудувачи. И последното ниво на одлучување е директорката (ова дискреционо право јас никогаш не сум го искористила досега).

Надворешните експерти се тајни! Новинарот во текстот наведува дека се обидел да контактира 30 надворешни експерти, а тоа самото по себе е кривично дело. Но, заради појаснување на јавноста, ќе додадам дека трите проекти на ВЕЗ Трејд добиени во рамките на вториот повик во 2020 година (во училишно образование, во стручно образование и во образованието за возрасни) се оценети од шестмина различни надворешни експерти.

Авторот на текстот решава да направи споредба со други држави од ЕУ, но компарацијата ја прави со секторот високо образование од каде што ВЕЗ Трејд нема добиено проект. Тоа е исто како да мешате баби и жаби, се со цел да ширите дезинформации. Патем, јавноста треба да знае дека последните две години Националната агенција го објавува годишниот буџет – по акции – на својата веб-страница заради поголема транспарентност за корисниците.

И конечно, одговорно тврдам дека г-от Зоран Златковски за првпат го запознав кога станав директорка на Националната агенција затоа што истиот беше еден од малкуте национални ЕКВЕТ експерти (кредит трансфер систем во стручно образование) избран на отворен конкурс уште од 2015 година од претходното раководство на институцијата.

Од тие причини и поради нанесената штета наведена погоре, бараме авторот на текстот Крстијан Ландов и неговиот уредник јавно да ни се извинат, во спротивно ќе поднесеме пријава за клевета против истите.

Со почит,

Лидија Димова, директорка

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

и Зоран Златковски, управител на В.Е.З. Трејд„

Н.Д.