Лиза Мари Присли, единственото дете на легендарниот Елвис Присли, почина денеска, 13 јануари, во раните утрински часови на 54-годишна возраст, неколку часа откако доживеа срцев удар.
Таа вчера итно беше пренесена во болница во критична состојба, а лекарите рекоа дека паднала во кома по „целосен срцев застој“ набргу откако се пожалила на болки во стомакот, наваде „ТМЗ“.
„Со тешко срце морам да ја споделам погубната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари не напушти“, изјави нејзината мајка Присила, која цело време била покрај нејзината ќерка.
„Таа беше најстрасната и најинтересната жена што некогаш сум ја познавала. Молиме за приватност додека се обидуваме да се справиме со оваа огромна загуба. Ви благодариме за поддршката и љубовта. Во овој момент нема да има дополнителни изјави“, се вели понатаму во соопштението.
Лиза Мари почина само два дена откако со својата мајка присуствуваше на доделувањето на Златните глобуси во Лос Анџелес, каде младиот актер Остин Батлер ја доби наградата за најдобар актер токму за улогата на нејзиниот татко Елвис Присли во филмот „Елвис“. Кралот на рокот Елвис Присли почина на 16 август 1977 година.
Упатени извори за ТМЗ изјавија дека 54-годишната била пронајдена целосно умртвена од домашна помошничка во спалната соба, а нејзиниот поранешен сопруг, Дани Кео, со кој живее, се обидел да ја реанимира додека не пристигнала итната помош на местото на настанот.
Лиза Мари ја започна својата музичка кариера во 2003 година, а првите два албуми беа успешно продадени. Во брак беше и со кралот на попот Мајкл Џексон, а потоа и со актерот Николас Кејџ. Лиза остави три деца – ќерките Рајли, Харпер и Финли, а нејзиниот син Бенџамин изврши самоубиство во јули 2020 година.